НА СУДЕЊЕТО ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО СЕ ПУШТАА РАЗГОВОРИ НА МАЈКАТА И ГАТАЧКАТА НА ГРУЕВСКИ

    НА СУДЕЊЕТО ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО СЕ ПУШТАА РАЗГОВОРИ НА МАЈКАТА И ГАТАЧКАТА НА ГРУЕВСКИФатиме Фетаи и Гаврил Бубевски продолжија да го застапуваат обвинението за случајот „Монструм“. - Од судењето за случајот „Монструм“ (Фото: СДК.МК)

    За случајот „Монструм“, денеска во Основниот суд Скопје 1 се пуштаат 25 прислушувани разговори во врска со петкратното убиство кај Смилковско езеро пред седум години. Од половина бомби што беа денеска пуштени, доминираа приватни и небитни разговори меѓу секретарката на експремиерот Никола Груевски, Ленче Самарџиска, и неговата гатачка Катерина Најденова, веќе објавени разговори меѓу новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Орце Камчев, потоа меѓу мајката на Груевски, Нада, и братот на Сашо Мијалков, Влатко, меѓу Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, потоа Митко Чавков и Јанкуловска и други, кои се главно рекла-кажала и се небитни за петкратното убиство.

    На пример, Јанкуловска во една бомбите му вели на Мијалков дека ѝ се јавил Блерим Беџети и притоа ѝ побарал да му се намали казната на еден од уапсените за убиството кај Смилковско езеро, кој, според него, не бил терорист, но бил осуден за поседување оружје, заради влошена здравствена состојба. Потоа, Нада Груевска, во улога на главен инспектор по крим-техника и за антитерористички дејствија, му кажува на Влатко Мијалков на само ден по убиството дека немало никаква трага, ама таа имала некаква идеја што ќе му ја пратела на Сашо Мијалков, но тоа не било за по телефон. Потоа спокојно му кажува била во црква и запалила свеќа за Никола, за себеси и за сите.

    Пред паузата, беше пуштен разговор меѓу Мијалков и Јанкулоска во кој тие го критикуваат и озборуваат нивниот шеф Груевски и кажуваат дека непотребно си ставиле со некаква негова одлука трн во здрава нога. Во шифри зборуваат дека Груевски сакал да се донесе закон со двотретинско мнозинство за опстанок на коалицијата со ДУИ, но дека тој закон не им се допаѓа. Додека се пуштаа разговорите, колку и да не содржеа суштински елементи за откривање или потврдување на вистината кој го изврши петкратното убиство пред 7 години, родителите на убиените деца се вознемируваа на секое споменување на убиството, на местото каде што се случило и на други зборови поврзани со настанот.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира