НА ВАСИЛЕСКИ НЕ МОЖЕЛО ДА МУ БИДЕ ОДЗЕМЕН ИМУНИТЕТОТ ОТИ НЕ ГО ПРАШАЛЕ ДАЛИ СЕ ПОВИКУВА НА НЕГО, ТВРДИ АДВОКАТОТ НА ПРИТВОРЕНИОТ ПРАТЕНИК

    НА ВАСИЛЕСКИ НЕ МОЖЕЛО ДА МУ БИДЕ ОДЗЕМЕН ИМУНИТЕТОТ ОТИ НЕ ГО ПРАШАЛЕ ДАЛИ СЕ ПОВИКУВА НА НЕГО, ТВРДИ АДВОКАТОТ НА ПРИТВОРЕНИОТ ПРАТЕНИКНа денешната јавна расправа во Апелацискиот суд Скопје за притворот на пратеникот Сашо Василески дојде само неговиот адвокат Александар Новаковски. (Фото: СДК.МК)

    Притворениот пратеник од ВМРО ДПМНЕ Сашо Василески од Охрид, иако побара пред новинари да ја образложи жалбата во Скопска апелација против продолжениот притвор, сепак, не беше спроведен од затворот Шутка. Тој во последен момент се премислил и останал во ќелијата. Побарал да дојде само неговиот застапник Александар Новаковски.

    За Василески има видео снимки од безбедносните камери во Собранието, на кои се гледа дека тој ги тргнува железните препреки на собраниските влезни врати и ја пушта толпата да влезе насилно во Собранието на 27 април. Така беше овозможено да биде извршен нападот врз пратениците од СДСМ и врз пратеникот Зијадин Села.

    Тој е осомничен за терористичко загрозување на уставноста и на безбедноста на Македонија. Неговиот адвокат Новаковски денеска побара да му биде укинат притворот на Василески, повикувајќи се на тоа дека неуставно му бил симнат пратеничкиот имунитет.

    Како можело да му биде укинат пратеничкиот имунитет, кога не ни бил прашан дали се повикува на него?, го праша Новаковски советот во Апелација, повикувајќи се на наодите на Народниот правобранител Иџет Мемети, кој утврди кршење на човековите права при апсењето на Василески, Мукоски и другите притворени пратеници.

    Вишата јавна обвинителка пред судот денеска рече дека треба да се одбие жалбата на Василески, зашто има опасност да избега, а и да влијае врз сведоците, кои се повикани да дадат искази во истрагата која е во тек и не е завршена.

    Ако пратениците се избрани и ги претставуваат граѓаните, не значи дека може да се однесуваат како што сакаат и да го кршат законот, рече вишата обвинителка Наталија Тасевска.

    Одлуката на судот за притворот на вратарот Василески, ќе биде донесена дополнително.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира