Ја врзувал за креденец, ја горел со пегла и ископал гроб под креветот на кој што спиела. Ова е кусо објаснување на однесувањето на насилник од Кавадарци кого правдата се уште не го стигнала. Случајот јавно никој не го раскажа, за него знаат кавадарчани кои од однесувањето на овој насилсник се подеднакво згрозени како и од трикратното убиство во ноември 2014 година кога Тони Станоев ги уби мајката, таткото и сестрата на сопругата од која се беше развел неколку месеци претходно.
„Разговарајќи за насилство врз жената, полицајци од Кавадарци ни открија случај за кој мислевме дека постои само на филмовите. Жена, која полицајците ја опишаа како дојденка оти не била од Кавадарци, дошла целата парталава, изгорена по телото и не зборувајќи јасно, пријавила дека мажот цела ноќ ја малтретирал. Полицајците се присетија оти целата се тресела и неразбирливо им кажувала за нешто под нејзиниот кревет. Кога излегле на интервенција, за да направат извештај по пријавата, во куќата затекнале хаос. Откриле дека ја врзувал за креденец, ја нашле пеглата со која ја горел по телото, а кога го тргнале креветот полицајците откриле нешто што самите велат дека не им било верно дека може да постои. Го нашле гробот кој насилникот го ископал за сопругата под креветот од страната на која што таа спиела. Дупка 1,5 метар на 70 сантиметри. Жената со години спиела над сопствениот гроб“, раскажува за САКАМДАКАЖАМ.МК активист на навладина организација која работејќи на спречување на насилство врз жената, случајно го открила случајот.
Активистите на невладината организација утврдиле дека жената покрај тоа што дома преживувала насилство, за нејзините чувства не воделе сметка ниту полицајците. Таа давала исказ, го опишувала насилството и минувала низ се она што еднаш го преживеала во просторија во која имало не еден, туку неколку полицајци кои седеле од страна и слушале што зборува. Сите биле мажи, наспроти препораките жените кои преживеале насилство да ги интервјуираат полицајцки.
Освен тоа, активистите на невладината организација тврдат дека дел од полицајците ја осудиле жената, објаснувајќи дека нејзе не и пречи насилството оти постојано му се враќала на насилникот. Друг полицаец посочил дека треба да им се одземат децата оти двајцата не биле нормални.
Министерствто за внатрешни работи го потврди случајот и откри дека во текот на 2014 и 2015 година добиле повеќе пријави за семејно насилство во кои жртва е посочената жена.
„Во врска со пријавите од страна на Секторот за внатрешни работи Велес до надлежното обвинителство против З.К.(1982) од Кавадарци, поднесени се вкупно шест кривични пријави во кои истиот е осомничен за сторени кривични дела каде жртва е неговата сопруга, како ’телесна повреда’, ’противправно лишување од слобода’, ’силување’ и ’загрозување на сигурноста’“, велат од Министерството за внатрешни работи.
На забелешките за тоа што со жената која преживеала насилство во полиција не разговарала полицајка туку полицајци, од МВР велат дека законската регулатива не прави поделба на полот за службеното лице.
За овој случај на семејно насилство МВР по службена должност писмено го известила Центарот за социјални грижи уште при првата пријава, на 19 август 2014 година.
Од Министерството за труд и социјална политика ги игноририраа прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали и што преземале за спречување на насилството и помош на жртвата.
За помош на оваа жена е задолжен истиот центар кој потфрли кога требало да се преземат мерки за насилството што го пријавувала сопругата на трикратниот убиец Тони Станоев.
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, објасни дека улогата на овој центар е клучна, во напорите да се превенира нов фемицид, односно убиство на жена поради тоа што е жена.
„Кога прв пат се пријавува случај на семејно насилство неопходно е стручното лице кое работи во Центарот за социјална работа да направи процена на ризик, и водејќи се од оваа процена да и предложи и да ја информира жената жртва за постоечките мерки за заштита од семејно насилство, како и за привремените мерки за заштита што ги изрекува судот. Згрижување во шелтер центар е една од основните мерки за заштита. Во Македонија постојат 4 регионални шелтер центри за жртви на семејно насилство во кои се сместуваат жени без разлика во која општина живеат, а кои се раководени од Министерството за труд и социјална политика. Транспортирањето на жртвата од општината во која живее до општината каде е сместен шелтерот мора да го обезбеди и организира центарот за социјална работа. Дополнително постојат уште два шелтер центри кои се раководени од женски невладини организации. Двата шелтер центри се поврзани со СОС линии на кои може да се побара помош (15 700 и 15 315). Исто така, жртвите на семејно насилство имаат право и на бесплатна правна помош и бесплатна психо-социјална помош и поддршка. Иако овие услуги треба да ги овозможат центрите за социјална работа, сепак во најголем дел се обезбедени преку невладините организации кои работат за оваа проблематика“, рече Димушевска нагласувајќи дека Националната мрежа нема информации за овој случај и оти од нив никој не побарал помош.
Невладините организации сметаат дека пропустите и на полицијата и на центрите за социјални грижи ќе се намалат со ратификување на Истанбулската конвенција која ќе ги обврзе властите на менување на законската регулатива и зајакнување на борбата против насилство врз жената.