Околу 138 милиони деца во светот се вклучени во различни форми на детски труд. Од нив, речиси 54 милиони работат во опасни услови кои сериозно можат да го загрозат нивното здравје и безбедност, покажуваат новите глобални проценки на Меѓународната организација на трудот и УНИЦЕФ. На 12 јуни се одбележа Светскиот ден против злоупотреба на детскиот труд, ден посветен на заштитата на правото на секое дете на безбедно и безгрижно детство.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека годинашната тема „Црвен картон за детскиот труд: фер игра за децата, достоинствена работа за возрасните“ испраќа јасна порака дека детскиот труд мора да биде отфрлен исто како што во спортот се санкционира нефер играта. Од Институтот велат дека детството не смее да биде заменето со работа, а сиромаштијата не смее да биде причина децата да бидат лишени од образование, игра и здрав развој.
Најголем број деца, во светски рамки, се ангажирани во земјоделството, каде што често се изложени на екстремни временски услови, опасни алатки и хемиски средства. Други работат во индустријата, градежништвото, рударството, услужните дејности или на улица, при што се соочуваат со ризици од повреди, злоупотреба и експлоатација.
Експертите велат дека сиромаштијата е еден од главните фактори што го поттикнуваат детскиот труд. Недостатокот на приходи во семејствата, ограничениот пристап до образование, невработеноста, социјалната исклученост, конфликтите и природните катастрофи дополнително го зголемуваат ризикот децата да бидат принудени да работат.
Токму затоа, вели ИЈЗ, овогодишното мото го става акцентот и на обезбедувањето достоинствена и пристојно платена работа за возрасните. Кога родителите имаат сигурни приходи и социјална заштита, значително се намалува веројатноста нивните деца да бидат вклучени во работни активности што го нарушуваат нивниот развој.
„Иако во Македонија детскиот труд не е распространет во размери како во некои други делови од светот, сепак постојат ризични категории на деца кои бараат посебно внимание. Најранливи се децата од социјално загрозени семејства, децата кои работат на улица, собираат секундарни суровини или се вклучени во неформални облици на работа“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Од Институтот потенцираат дека справувањето со овој проблем бара координирана акција на институциите, образовниот систем, работодавачите, граѓанските организации и медиумите. Меѓу клучните препораки се обезбедување достоинствена работа и фер плати за возрасните, подобрување на социјалната заштита, достапно и квалитетно образование за сите деца, рано препознавање на децата во ризик и зајакнат инспекциски надзор.
„Светскиот ден против злоупотреба на детскиот труд претставува потсетник дека ниту едно дете не треба да го поминува своето детство на работно место. Наместо работа, децата треба да имаат можност да учат, да играат и да ги развиваат своите потенцијали, со што ќе се создадат услови за поправедно и похумано општество“, вели ИЈЗ.



