НАД 14.000 МАТУРАНТИ ПОЛАГААТ ДРЖАВНА МАТУРА ВО ШКОЛСКИ САЛИ И ХОЛОВИ

    НАД 14.000 МАТУРАНТИ ПОЛАГААТ ДРЖАВНА МАТУРА ВО ШКОЛСКИ САЛИ И ХОЛОВИЗа првпат годинава се полага во школски сали и холови. (Фото: МОН)

    Со тест по мајчин јазик, денеска 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура за учебната 2023-2024 година.

    „Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шеќири во Струга.

    Министерот кажа дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.

    Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.

    Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни.

    Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.

    Државната матура се спроведува од 2008, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот годинава вклучени се 2.000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира