НАД 14.500 МАТУРАНТИ ДЕНЕСКА ГО ПОЛАГААТ ПРВИОТ ИСПИТ ОД ДРЖАВНАТА МАТУРА

    НАД 14.500 МАТУРАНТИ ДЕНЕСКА ГО ПОЛАГААТ ПРВИОТ ИСПИТ ОД ДРЖАВНАТА МАТУРАМатурантите денеска ќе бидат тестирани по странски јазик или математика. (фото: Архивска фотографија)

    Повеќе од 14.500 матуранти се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите. Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе го полагаат на 11, односно на 12 јуни.

    Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година првпат се полагаат три типа матурски испит според видот на образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

    Тие што ќе полагаат државна матура денеска ќе бидат тестирани по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика, за пријавените за стручна матура изборот е англиски јазик или математика, а кандидатите за уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.

    Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, од вкупно пријавените 14.587 ученици за полагање на матурата, 12.184 се пријавиле за државна матура, 2.276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура.

    За тестот по англиски јазик се пријавени вкупно 13.208 кандидати, а за математика 1.173. За полагањето на испитите ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и околу 200 набљудувачи. Во просториите каде што ќе се полагаат испитите е забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди. Како и минатата година, за училиштата кои немаат соодветни просторни услови екстерните испити ќе се полагаат во амфитеатрите на факултетите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира