Над 20 кандидати се пријавиле на огласот на СДСМ за членови на ад хок телото за следење на медиумите за време на изборите и за главен и одговорен уредник на Македонската радиотелевизија, соопшти денеска Љупчо Николовски, член на Извршен одбор на СДСМ.
„Она што можам во моментов да го кажам е дека по истекот на рокот на овој повик за пријавување на кандидати за членови на ад хок телото за следење на медиумите и за главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија пријавени се над 20 кандидати, професионалци. Во текот на денот ќе извршиме интензивни консултации и координации со професионалните здруженија на новинарите, со граѓанските здруженија, со невладините организации, по што ќе имаме повеќе детали“, изјави Николовски.
Рокот за пријавување на огласот истече вчера, а имиња не се соопштуваат. Четирите партии имаат рок до 19 август да го формираат ад хок телото и тоа ќе брои пет члена. Секоја партија треба да предложи по еден член, а петтиот да биде избран со консензус. Според договореното, еден од петтемина членови треба да биде Албанец.