НАД 70% ОД ЖИТЕЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ГРЕАТ НА ДРВА, ПРИВАТНИТЕ СТОВАРИШТА ЈА КОРИСТАТ ПСИХОЗАТА КАЈ ЛУЃЕТО ЗА ДА НАПРАВАТ ЕКСТРА ПРОФИТ

    НАД 70% ОД ЖИТЕЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ГРЕАТ НА ДРВА, ПРИВАТНИТЕ СТОВАРИШТА ЈА КОРИСТАТ ПСИХОЗАТА КАЈ ЛУЃЕТО ЗА ДА НАПРАВАТ ЕКСТРА ПРОФИТЦената на кубик дрво се движи од 50 евра во државните до 100 евра во приватните стоваришта (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седумдесет и еден процент од населението во Македонија го користи огревното дрво како главен или секундарен енергенс, главно за греење. Скокот на цените на огревното дрво (од 50 на 100 евра за кубик во приватните стоваришта) и на пелетите (од три на 8,5 евра за вреќа од 15 килограми) и нивниот недостиг на пазарот навестуваат неизвесна зима.

    Осумдесет и двегодишниот Климе Славески од струшкото село Радожда е еден од загрижените и уплашени граѓани од енергетската и економската криза во земјата. Тој кажа дека ќе проба да купи десет кубици место досегашните пет, оти му е страв дека ќе нема огревно дрво на пазарот, а за струјата не се знае.

    Поради кризата со гасот и најавите дека струјата и натаму ќе поскапува граѓаните повторно се враќат на огревното дрво и пелетите

    Обидувајќи се да го намали енормното загадување на воздухот, Владата уште во октомври 2019 покрена проект за субвенционирање на набавката на инвертери како замена за печките на дрва. Со обезбедените 10 милиони евра беше предвидено 10.000 домаќинства од Скопје, Битола, Тетово и Кичево да учествуваат на отворениот конкурс, со обврска да ги предадат печките на дрва и да се обврзат дека веќе нема да се греат на нееколошки начин. Предност имаа семејствата со пониски примања.

    Владата го стимулираше и греењето на пелети и субвенционираше печки на пелети како енергенс кој многу помалку загадува, а и цената беше прифатлива за граѓаните.

    Побарувачкатата на огревното дрво се зголеми над можностите за испорака на „Национални шуми“

    Сепак, кризата со гасот поради војната во Украина и најавите дека струјата и натаму ќе поскапува или дека ќе има рестрикции ги загрижија граѓаните, кои повторно се враќат на огревното дрво и пелетите, чии цени уриваат рекорди.

    Газдата на мал погон за пелети од Берово вели дека вреќа од 15 килограми сега чини 6,8 евра без превоз. Тоа се должело на огромното зголемување на цената на репроматеријалите и на сметката за струја, која досега му изнесувала 280.000 денари (4.550 евра) месечно, а за последниот месец 800.000 денари (13.000 евра).

    Македонија не произведува доволно пелети за да ги задоволи потребите на своите граѓани, а Србија и БиХ го забранија извозот. И македонската влада во јули донесе одлука за забрана на извоз на пелети и дрво, а потоа ја замрзна маржата на 10 отсто.

    Државата размислува да ја ограничи цената на огревното дрво

    Властите се обидуваат да ја смират јавноста, па ЕСМ соопшти дека засега од сопствените капацитети произведува електрична енергија која целосно ги задоволува потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека по неодамнешното потпишување на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас помеѓу Македонија и Бугарија, ќе можеме да се снабдуваме со гас од повеќе извори од 1 јануари 2023.

    Иако Владата соопшти дека е обезбеден гас за топланите во Скопје, ЕСМ прецизираше дека го има за само две недели и дека ќе се потпишува договор со нова фирма за загревањето на главниот град по 15 ноември.

    Работник во фабрика во Берово го проверува квалитетот на пелетите

    Директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски, вели дека оваа година е доста специфична во однос на енергенсите и потребите за огревно дрво.

    Со оглед на кризата во целиот свет и порастот на цените на сите енергенси, побарувачката на огревното дрво беше доста голема, над можностите за испорака на нашето претпријатие и многу поголема од она што може да се најде во Македонија. Во првите осум месеци од годината, цената на огревното дрво беше како во претходните 13 години, за на 28 август да порасне за околу 20%. Нашето производство ќе биде исто, можеби поголемо од лани и тоа е во согласност со можностите што ги имаме во моментов. Зошто се зголеми побарувачката? Мислам дека цената на другите енергенси беше многу поголема и растеше секојдневно, па кај луѓето се создаде паника дека можеби ќе нема струја и ќе им треба огревно дрво за цела зима. Оние кои обично купувале пет-шест кубици, сега бараат 10-12 за секој случај. Во првите осум месеци, цената на огревното дрво беше 50 евра за кубик, а од 28 август, со одлука на Владата, порасна за 20% и сега изнесува 3.500 денари за кубик. Приватниците потоа за поскапо го продаваат дрвото на слободен пазар, дури и за 100 евра за кубик, но не можеме да влијаеме врз тоа“, вели Груевски.

    Климе Славески од струшкото село Радожда стравува дека ќе нема огревно дрво на пазарот

    Саша Јовановиќ, раководител на сектор во Министерството за шумарство, изјави дека моменталната цена на огревното дрво се должи на економскиот закон на понуда и побарувачка.

    За жал, тие кај нас не се константни. Понудата е намалена поради пониското производство на ‘Национални шуми‘. Војната во Украина предизвика психоза кај луѓето, па некои помасовно купуваат огревно дрво во случај да нема струја или гас“, вели Јовановиќ.

    Вреќа пелети од 15 килограми сега чини 6,8 евра без превоз

    Тој истакнува дека 71% од луѓето во Македонија го користат огревното дрво како главен или секундарен енергенс.

    Цената на кубик дрво се движи од 50 евра во државните до 100 евра во приватните стоваришта во поголемите градови. Во повеќето случаи, приватните стоваришта ја користат психозата кај луѓето за да направат екстра профит. Државата размислува да ја ограничи цената на огревното дрво, која се прави врз основа на пресметка на реалните трошоци за сеча и транспорт, па цената би била 76 евра за кубик“.

    Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира