Надгробен крст со името на лидерот на СДСМ Зоран Заев носеа двајца битолчани кои синоќа во Битола ја славеа победата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во исто време на прославата во Скопје лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски им се обрати на поддржувачите со ветување дека ќе го надмине политичкиот јаз меѓу граѓаните.
Фотографијата во Битола е направена во близина на Општинскиот комитет на ВМРО -ДПМНЕ. Нејзиното објавување на Фејсбук предизвика бројни коментари, меѓу кои се посочува дека едното од лицата наводно е воспитно-образовен работник во битолско училиште.
Во Скопје по објавувањето на резултатите на ДИК според кои ВМРО-ДПМНЕ освои 51, а СДСМ 49 пратенички мандати лидерот на партијата Никола Груевски на сопартијците кои се собраа да слават во центарот на Скопје им рече: „Ќе го намалиме политичкиот јаз кој се создаде меѓу граѓаните на Македонија, а земјата ќе ја вратиме на патеките на економијата, на новите работни места, на реформите за градење висок стандард кој ќе нè движи кон Европската унија“.