НАГРАДЕНИ 4 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА НОВАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА НА МЕСТОТО НА „МАЈЧИН ДОМ“ ВО АЕРОДРОМ

    НАГРАДЕНИ 4 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА НОВАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА НА МЕСТОТО НА „МАЈЧИН ДОМ“ ВО АЕРОДРОМВо новата градска болница во Аеродром треба да се префрли сегашната градска болница „Св.Наум Охридски“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство избра четири труда на конкурсот за избор на идејно решение за изградба на нова градска болница во Општина Аеродром, која ќе се гради на местото на „Мајчин Дом“. Во новиот објект треба да се префрли сегашната градска болница „Св. Наум Охридски“.

    Првата награда од 307.475 денари според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки, ја добива идејното решение под шифра А22, втората награда во вредност од 245.980 денари ја делат авторите на идејните решенија под шифрите Нова5 и Јадро, а третата награда од 61.495 денари ја добива авторот на решението под шифра Океан.

    Во жири комисијата која ги оценуваше решенија, како што беше објавено во јавниот повик се Веселинка Герасимовска Петровска, од Комората на овластени архитекти и инженери, е и Љупчо Балковски, од проектната единица за имплементација на Министерството за здравство и директорот на „Св. Наум Охридски“ д-р Иван Спировски.

    Огласот беше објавен во јуни, а според тендерската документација наградите истовремено ќе се и откуп на авторските права и обесштетување на авторите во целост, за што тие ќе треба да дадат писмена согласност.

    Од Министерството за здравство вел дека сега не можат да ги објават имињата на наградените автори, додека не ги потпишат договорите со нив.

    „Кон крајот на месецот ќе направиме изложба на одбраните идејни решенија и ќе организираме јавна дебата со стручната фела. Сметаме дека така ќе го избереме најдоброто решение за изградба на нова градска болница“, велат од Министерството за здравство.

    Префрлањето на старата градска болница од строгиот центар на Скопје во нов објект на местото на „Мајчин дом“ во Аеродром пред повеќе од три месеци го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека зградата на поранешна градска болница е премногу стара и руинирана и дека секоја реконструкција нема да има долгорочен ефект. Тој кажа дека со оваа идеја се согласиле и вработените од „Св. Наум Охридски“.

    Според тендерската документација идејните решенија треба да понудат објект за новата градска болница со максимална висина од 18 метри, односно таа е планирано да има приземје и четири ката. Според описот во конкурсот градежната парцела за проектирање на новата болница е предвидена во ДУП за градска четврт И10 во Општина Аеродром, и има површина од 7.671 метар квадратен. Површината за градба пак е 3.728 метри квадратни со бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни, со процент на искористеност од 49 отсто. Сообраќајниот пристап до болницата е решен од два крака односно од булевар Васко Карангелевски и булевар Јане Сандански.

    Новата болница треба да има 20 амбуланти согласно специјалноста, болнички дел со капацитет за 240 пациенти, осум хируршки сали, комплетна лабораторија, радиолошки оддел со апарати за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца и рендген дијагностика.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира