НАЈДОБРОТО ДОПРВА ДОАЃА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПРВАТА ГОДИШНИНА ОД НЕГОВОТО ВЛАДЕЕЊЕ

    НАЈДОБРОТО ДОПРВА ДОАЃА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПРВАТА ГОДИШНИНА ОД НЕГОВОТО ВЛАДЕЕЊЕ„Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, времето кое допрва доаѓа, најдоброто кое допрва ќе се случи“, рече премиерот. (Фото: К. Попов)

    На платото пред владината зграда, вечерва под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Христијан Мицкоски се обрати по повод една година од Владата, оценувајќи ја како тешка, но успешна зашто оваа власт удрила нови темели на разурнатата држава и сега гради со цигли, кои не се само бетон, како што рече.

    „Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, времето кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе“, кажа Мицкоски и фрази од говорите за време на ланските парламентарни и претседателски избори.

    Тој воопшто не ги спомна закочените евроинтеграции, а го спомна стратешкиот договор со Обединетото Кралство.

    Во оваа тешка година, рече тој, Владата има резултати кои се јасен показател, почнала над 250 поголеми проекти.

    „И она што денес сакам да го соопштам е дека за повеќе од 3 пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година. Веќе вклучуваме во 5-та па 6-та брзина. Очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата, очекувам преку 400 проекти мерки чекори реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата, итн. Во првиот квартал од оваа година 2025 постигнавме раст на БДП од 3,2%, некој ќе рече мал, некој ќе рече голем, јас би рекол сум задоволен, но не конечно задоволен бидејќи сепак има уште поголем простор за раст, но тоа сепак не става како четврта земја по раст на БДП во првиот квартал од 2025 година веднаш позади Ирска, Данска и Полска“, спореди тој.

    Мицкоски наброја пуштање на проекти почнати и од претходната Влада, а заедно со вложувањата за изминатата година, заклучи дека постигнале рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, „што ќе каже дека имаме најголем број на странски директни инвестиции по глава на жител во овој дел од Европа“.

    Тој се наврати и на трагедијата во Кочани со 62 жртви во пожарот на нелегалната дискотека на 16 март, и рече дека е последица на уништениот систем од претходно.

    „Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван и дезавуиран. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам се тоа да не се повтори. И како политички фактор од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став, а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани“, кажа Мицкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира