НАЈСКАПИТЕ ЛЕКОВИ ЗА ОНКОЛОГИЈА, ДЕТСКА КЛИНИКА, ХЕМАТОЛОГИЈА И РЕВМАТОЛОГИЈА ЌЕ ГИ КУПУВА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НАМЕСТО КЛИНИКИТЕ

    НАЈСКАПИТЕ ЛЕКОВИ ЗА ОНКОЛОГИЈА, ДЕТСКА КЛИНИКА, ХЕМАТОЛОГИЈА И РЕВМАТОЛОГИЈА ЌЕ ГИ КУПУВА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НАМЕСТО КЛИНИКИТЕГрупната набавка на лековите за потребите на клиниките, според министерот за здравство Венко Филипче, ќе се прави со средства од буџетите на самите клиники (Фото: СДК.МК)

    Нови модерни лекови за болните во земјава Министерството за здравство планира да донесе со заштедите, кои ќе ги направи од централизираната набавка на најскапите лекови, кои сега клиниките сами ги набавуваат. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Министерството за здравство ги презема набавките на најскапите лекови Онкологија, Хематологија, Детска Клиника и Ревматологија и дека со оваа групна набавка на најскапите лекови очекуваат да заштедат 20 до 30 отсто од средствата, кои сега клиниките ги трошат за набавка на оваа терапија. Тој објаснува дека овие клиники веќе се согласиле набавката да оди преку Министерство за здравство.

    „Идејата е со групна нарачка да го имплементираме критериуми кои ќе ни донесат заштеда, а понатаму ја еволуираме можноста со средствата кои ќе ги заштедиме да донесеме нови лекови, кои веќе се користат на европскиот пазар и во САД и даваат добри резултати. За централната набавка законски измени не треба. Во моментов ги земавме буџетите на клиниките и да видиме што со тие средства може да направиме за да ги донесеме новите лекови. Ако е потребно дополнително ќе бараме од Фондот за здравствено осигурување дали може да даде плус средства за набавка на новите терапии“, вели Филипче.

    Нови лекови, освен на овој начин, Филипче најави дека ќе бидат донесени и со промена на позитивната листа на лекови, што очекуваат да се случи на есен. Тој кажа дека завршиле со измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, со кои се пропишува нов начин на промена на позитивната листа на лекови. Со постоечкото законско решение промената на позитивната листа на лекови ја прават 14 стручни комисии, кои беа формирани со законските измени во 2012 година и досега скоро ништо не променија на листата на лекови кои се на товар на ФЗОМ.

    „Ова решение не е спроведливо во пракса и тоа можеби е една од причините што над 10 години нема нов лек на позитивната листа на лекови. Место 14 комисии ќе направиме една комисија, која ќе има за задача да ги зема предвид стручните мислења на стручните колегиуми на клиниките. Завршена е промената на законот во форма на работна верзија. Дополнително треба да го разгледаме со стручните здруженија. Законот го дефинира начинот на кој се проширува позитивната листа на лекови, и веќе до почетокот на есента ќе го знаеме точниот начин на проширување на позитивната листа на лекови, како и типот на лекови кои ќе влезат“, рече Филипче.

    Тој најави дека планираат во Македонија да донесат биослични лекови, кои се користат во Европа и во САД, како значително поевтини.

    „Биослични лекови, кои се значително поевтини, особено оние кои ги заменуваат лековите на кои им поминува патентната заштита. Се разбира само оние лекови за кои има докази дека може да ги заменат лековите со патентна заштита. Со сите овие чекори се надеваме дека многу брзо ќе донесеме нова терапија за нашите пациенти“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира