НАМЕСТО АРХЕОЛОЗИТЕ, НАДЗОРОТ ЌЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е АРХЕОЛОШКО НАОЃАЛИШТЕ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕ, ВЕЛИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ КОЈ ЌЕ СЕ ГЛАСА В ПОНЕДЕЛНИК

    НАМЕСТО АРХЕОЛОЗИТЕ, НАДЗОРОТ ЌЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е АРХЕОЛОШКО НАОЃАЛИШТЕ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕ, ВЕЛИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ КОЈ ЌЕ СЕ ГЛАСА В ПОНЕДЕЛНИКПолитичарите на 4 април отворија табла на која имаше слика од автопат, но немаше почеток на градежни работи, немаше фрлање на прва лопата, ниту пак на делницата имаше градежна механизација. (Фото: Влада на РСМ)

    Со предлогот на група пратеници во Собранието за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10, се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, реагира Македонското археолошко друштво.

    Предлог-законот е поднесен на 3 април од Арбер Адеми и група пратеници од ДУИ, а ставен е на дневен ред на седницата 112 закажана за понеделник. Според Предлог-законот, се дополнува членот 65 , согласно кој изведувачот на градежните работи на проекти од државен интерес има обврската да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи. Предлог- законот ги намалува обврските на изведувачите на градежните работите на проекти од државно значење кои произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште и археолошки предмети.

    „Во Законот за заштита на културното наследство во член 65, по став 2, се додава нов став 3, кој гласи:

    (3) Како исклучок од став (1) од овој член, доколку за време на вршење на градежни работи за Проекти од државно значење, е пронајдено археолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите:

    1. веднаш, а најдоцна во рок од три дена писмено ќе го извести надзорниот инженер за случајното откритие;

    2. ќе ги запре работите и ќе го обезбеди случајното откритие од евентуално оштетување и уништување, како и од неовластен пристапи

    3. ќе ги зачува откриените предмети на местото и состојбата во која се најдени”, вели предлагачот.

    Археолошката фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство вчера се запрепастиле од, како што велат, дрскиот предлог на група пратеници во Собранието кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка и дека е изработен без вклучување и консултирање на стручната јавност.

    „Очигледно е дека со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот сеправи обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита. Со предложените, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: ‘Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање настратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа –Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)’ се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес.  Апсурдот да биде поголем, понатамошното образложение на Предлогот гласи: ‘Меѓутоа, нивната реализација може да се соочи со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи, па господата пратеници измислиле ‘решение’ со кое го надминуваат проблемот, а кое е надвор од секакво здраворазумно однесување на совесни граѓани на оваа држава, уште помалку на пратеници. Пратениците, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и сеостварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок“, стои меѓудругото во реакцијата на Македонското археолошко друштво.

    Археолозите велат дека не смеат да се дозволат какви било отстапки и законски процедури со кои остава простор зауништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес и го повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратеници предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство.

    Археолозите велат дека „за шверцерскиот обид со кој би се легализирало уништувањето на културното наследство Македонското археолошко друштво ги извести сите политички фактори во државата, претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните институции за заштита на културното наследство“, и најавуваат протест за в понеделник, 10 април во 10 часот пред Собранието.

    Станува збор за проект кој предизвика голем број сомнежи во јавноста и кој го разгледува Обвинителството, откако државата го избра конзорциумот „ИРД Инженеринг“ за 22,3 милиони евра да врши надзор на изградбата. Сомнежите за можна корупција се појавија откако беше објавено дека фирмата „Електра солушн“ која е дел од конзорциумот досега не работела надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека. Дозвола за надзор добила дури откако бил објавен тендерот. Дел од конзорциумот е и фирмата „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ, вмешан во корупциски скандал во Ерменија и за кого има обвинение во земјата. Фирмата „Ептиса“ пак добила забрана од државата за ангажирање на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување во проектот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, но десет недели потоа Владата ја поништила таа забрана.

    Сомнежи постојат и во делот на експертите кои ќе работат на делниците и парите кои ги добиле за нивниот ангажман. Анализата на договорот покажува дека она што на јавноста ѝ се претставува како надзор од меѓународни експерти, всушност, е само завеса зад која доминантно стојат домашни кадри. Од 81 експерт кој ќе биде вклучен во надзорот, само 5 се странци од кои четворица од земји од соседството.

    Според документите, на 4 лица од правниот тим за преговори за цената на чинење на градбата на автопатските делници им се дадени паушали од 300 илјади евра по човек, односно вкупно за четворицата државата ќе плати 1.200.000 евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира