КОВАЧЕВСКИ И ГРУБИ НЕ ДОЗВОЛИЈА ПРАШАЊА НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ТАБЛА ЗА АВТОПАТИШТАТА ВРЕДНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    КОВАЧЕВСКИ И ГРУБИ НЕ ДОЗВОЛИЈА ПРАШАЊА НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ТАБЛА ЗА АВТОПАТИШТАТА ВРЕДНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРАФункционерите отворија табла на која имаше слика од автопат, но немаше почеток на градежни работи, немаше фрлање на прва лопата, ниту пак на делницата имаше градежна механизација. (Фото: Влада)

    Владата денеска организираше свеченост за отворање табла за проектот за изградба на четири автопатишта кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ вредни 1,3 милијарди евра. На настанот, кај наплатната рампа Тетово – Гостивар, премиерот Димитар Ковачевски и координаторот на проектот и вицепремиер Артан Груби не дозволија новинарите да им поставуваат прашања.

    Владата уште вчера испрати покана до медиумите кои се акредитирани за настанот во која стои дека новинарски прашања не се предвидени, иако се работи за еден од најскапите проекти кои ги прави државата со пари од граѓаните. Исто така, проектот предизвика сомнежи во јавноста откако беа избрани фирмите за надзор.

    На настанот присуствуваа и говореа премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, претседателот на ДУИ Али Ахмети, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми. Во говорите тие си се фалеа и заблагодаруваат еден на друг за трудот вложен да се реализира овој проект и кажуваа колку овој проект е важен за државата.

    По говорите отворија табла на која имаше слика од автопат и бројот 8 кој го означува коридорот 8. Немаше почеток на никакви градежни работи, немаше фрлање на прва лопата, ниту пак на делницата имаше градежна механизација. Сепак, Владата отворањето на таблата го претстави како почеток на проектот иако за автопатиштата градежните работи уште не можат да почнат бидејќи нема проекти. Конзорциумот „Бехтел и Енка“ допрва треба да ги проектира трасите, па потоа да почне да гради.

    Откако функционерите си честитаа меѓусебно, влегоа во своите возила и заминаа, не дозволувајќи новинарите да им се доближат и да им поставуваат прашања.

    Станува збор за проектот кој предизвика голем број сомнежи во јавноста и кој го разгледува Обвинителството, откако државата го избра конзорциумот „ИРД Инженеринг“ за 22,3 милиони евра да врши надзор на изградбата. Сомнежите за можна корупција се појавија откако беше објавено дека фирмата „Електра солушн“ која е дел од конзорциумот досега не работела надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека. Дозвола за надзор добила дури откако бил објавен тендерот. Дел од конзорциумот е и фирмата „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ, вмешан во корупциски скандал во Ерменија и за кого има обвинение во земјата. Фирмата „Ептиса“ пак добила забрана од државата за ангажирање на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување во проектот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, но десет недели потоа Владата ја поништила таа забрана.

    Сомнежи постојат и во делот на експертите кои ќе работат на делниците и парите кои ги добиле за нивниот ангажман. Анализата на договорот покажува дека она што на јавноста ѝ се претставува како надзор од меѓународни експерти, всушност, е само завеса зад која доминантно стојат домашни кадри. Од 81 експерт кој ќе биде вклучен во надзорот, само 5 се странци од кои четворица од земји од соседството.

    Според документите, на 4 лица од правниот тим за преговори за цената на чинење на градбата на автопатските делници им се дадени паушали од 300 илјади евра по човек, односно вкупно за четворицата државата ќе плати 1.200.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира