По добиена согласност од Министерството за финансии, во петокот на 13 јуни М-НАВ Акционерско друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација, распиша оглас за вработување на кадри со средна школа и за советнички места со завршен факултет.
Според контролорите на летање со кои разговаравме, овие профили во огласот не само што не се потребни, туку ги има десетици напикани претходно по пренатрупани сектори во М-НАВ и место да се преземат тие, се вработуваат нови.
Синдикатот на контролори на летање размислува да го активира повторно штрајкот во сезона, во јули, меѓу другото, и поради продолжувањето со партиски вработувања што се непотребни, како што правеше претходното раководство на М-НАВ.
Според огласот, ќе се вработува оператор со 4-ти степен средно образование, во национален центар за трансмисија на податоци, авторизација и надзор на летови. Почетната плата ќе му биде 66.269 денари – нето.
Двајца гимназијалци без работно искуство како што е наведено во огласот, ќе се вработуваат во одделението за воздухопловни информации. Платата ќе им тргнува од 51.325,00 денари.
Ќе се прима и техничар за климатизација и техничко одржување, во одделението за климатизација и техничко одржување и за ова место се бара средно образование. Климатизерот ќе работи само од понеделник до петок, за почетна плата од 50,179 денари.
Со овој оглас се вработуваат и двајца помошници за развој и инвестиции и набавки, во секторот за воздухопловна техника, кои треба да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, економски науки, МФС, ФЕИТ (ЕТФ)–компјутерска техника и автоматика или софтверско инженерство и информациски системи или електроника и/или телекомуникации. Тие треба да имаат најмалку 5 години работно искуство.
Почетна плата ќе им биде 99.621 денари нето месечно.
Со огласот, секој директор си вработува свој советник.
Така, се прима самостоен советник за правни работи, во одделението за правни работи, во Секторот за финансиски работи правни работи развој и инвестиции – 1 (еден) извршител. Тој треба да има завршено Правен факултет. Ќе работи од понеделник до петок, за почетна плата од 65,899 денари.
Се прима и самостоен советник во Одделение за општи работи во Сектор за финансиски работи правни работи развој и инвестиции 1 (еден) извршител. Може каков било факултет да има, платата и нему ќе му тргнува од 65,899 денари.
„Овие вработувања не ни се потребни. А ако веќе имаат потреба од вакви работни места, може да се изврши преземање од пренатрупаните сектори што ги има од поодамна во М-НАВ. Синдикатот ќе го земе предвид и овој најнов оглас за непотребни кадри, кога деновиве ќе се состане за реактивирање на генералниот штрајк, поради тоа што не е спроведена ланската Спогодба во која главен услов за да не го затвориме небото над Македонија со штрајк, беше да се дозволи Еуроконтрол да дојде и да направи независна студија за тоа дали во М-НАВ се потребни нови вработувања, какви кадри се потребни, во кои сектори фалат стручни лица и колку вработувања ни се потребни“, велат од Синдикатот на контролорите на летање.
Овој Синдикат на 9 јануари лани, со протести го смени претходното раководство предводено од директорот Фахрудин Хамиди. Со М-НАВ сега раководат: Владимир Ристески – претседател на УО и Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација, Климент Чепуњоски – член на УО и Извршен директор на Секторот за воздухопловна техника и Фатмир Зимбери – член на УО и Извршен директор на Секторот за финансиски, правни работи, развој и инвестиции.
С. К. ДЕЛЕВСКА