„Горе е шареното педерче, него треба да го убиеме, фрлете го доле, каде ќе бегаш сега шарено педерче, викаа и ми се закануваа напаѓачите пред да почнат да ме тепаат“, рече во своето сведочење пратеникот Павле Богоевски за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 на рочиштето во Кривичниот суд во Скопје.
Богоевски сведочеше дека напаѓачите откако ги пробиле вратите на Собранието за многу кусо време, односно за две минути веќе биле во ходникот пред прес-центарот и дека никој од обезбедувањето на им понудил на пратениците да бидат евакуирани.
“Јас бев во галеријата на прес-центарот. Едно лице од обезбедувањето пред да влезат напаѓачите ја отвори вратата, ја подаде главата и се повлече. Настана општ хаос, се удираа пратениците долу со предмети, луѓето во маски даваа инструкции… Ја следев ситуацијата и сфатив дека станува збор за организиран и координиран напад и напаѓачите се служат со тактика на борба во затворен простор” раскажуваше Богоевски, кој има дипломирано на Факултетот за безбедност.
Тој кажа дека за најмногу дестина минути напаѓачите се качиле и во галеријата каде бил тој со уште неколку пратеници. Им рекол на колешките – пратенички да се скријат во кабините за превод и застанал пред кабините, ги раширил рацете, за да ги спречи напаѓачите да дојдат по нив. Меѓу пратениците кои биле на удар биле и пратеници од албанскиот политички блок.
“Едно од лицата кое влезе меѓу првите, за кои подоцна дознав дека работи во Општина Аеродром ми рече: ‘Каде ќе бегаш сега шарено педерче, те фатив.’ Се обидов да го смирам, но тогаш низ вратата влегоа група луѓе и почнаа да ме тепаат. Тогаш сфатив дека тој ден може да не излезам од Собранието. Не броев колку пати ме удираа. Знам дека ме тепаше група која броеше најмалку по 5 лица и цело време се менуваа. За среќа физичките повреди беа полесни, но имам други повреди, оштетување на белите дробови поради изложеност на чад од димните бомби и психички трауми“, сведочеше Богоевски.
Пред Богоевски сведочеа министерот Дамјан Манчевски и пратениците Илија Николовски и Фросина Ременски .
- ВИКАА ЌЕ ТИ ГИ УБИЕМЕ ДЕЦАТА И ЌЕ ТИ ГИ ВЛЕЧЕМЕ ПО УЛИЦА, СВЕДОЧЕШЕ ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО
- СЛАВЕА ВИКАЈЌИ СЕЛА Е МРТОВ, СЕГА НА РЕД Е ЗАЕВ ДА ГО ДОКРАЈЧИМЕ,СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО
- ЛАЖЕВ ДЕКА СУМ БРЕМЕНА ЗА ДА ПРЕСТАНАТ ДА МЕ ТЕПААТ, СВЕДОЧЕШЕ ФРОСИНА РЕМЕНСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО
Судењето продолжува идниот четврток на 6 септември со сослушување на останатите сведоци – пратеници.
На судењето за организираниот напад на Собранието обвинети се 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив има пратеници, високи службеници во МВР и јавни личности,
А. АНТЕВСКА