СЛАВЕА ВИКАЈЌИ СЕЛА Е МРТОВ, СЕГА НА РЕД Е ЗАЕВ ДА ГО ДОКРАЈЧИМЕ,СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    СЛАВЕА ВИКАЈЌИ СЕЛА Е МРТОВ, СЕГА НА РЕД Е ЗАЕВ ДА ГО ДОКРАЈЧИМЕ,СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОКако генерал во пензија знаев дека вратите од Собранието се отворени од внатрешни соработници, сведочеше денеска пратеникот Илија Николовски (Фото: К. Попов)

    Пратеникот Илија Николовски, генерал во пензија, кој денеска е втор сведок на Јавното обвинителство на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, рече дека со оглед оти ги знаел физичко-безбедносните мерки на Собранието не верувал дека толпата ќе влезе во објектот.

    “Кога видов дека толпата брзо влезе во Собранието, тоа ме наведе да сфатам дека има саботажа односно внатрешни соработници им помогнале да влезат”, сведочеше Николовски.

    Генералот во пензија во моментот кога толпата влегла во прес-центарот се наоѓал во галеријата на просторијата и од горе гледал како со сè што им е при рака на напаѓачите биле тепани пратениците.

    „Тие со качулки на главата на почетокот не дејствуваа, туку само ги наведуваа останатите. Им ги земаа стативите на новинарите и почнаа да ги млатат пратениците“, рече Николовски.

    Потоа, тој заедно со пратеникот Ферид Мухиќ се упатиле низ ходник кон галеријата на Сала 4, каде биле и пратениците Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска. Но и таму за кратко време влегле напаѓачите, меѓу кои и лица со маски. Им се заканувале, но како што рече Николовски, него никој не го удрил или повредил.

    „Почнаа да викаат и урлаат, како да се дрогирани. Мислев ќе го запалат Собранието. Цело време мислев дали Заев е мртов бидејќи во одреден момент слушнав како лицата почнаа да слават викајќи Зијадин Села е мртов, сега на ред е Заев да го докрајчиме“, сведочеше Николовски.

    На денешното рочиште на судењето, на кое 33 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, прв сведочеше министерот Дамјан Манчевски, а по Николовски следат пратенциите Фросина Ременски и Павле Богоевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира