Претседателот Ѓорге Иванов вели дека сведочењата на обвинетите за организираниот напад во Собранието се обид да сврти вниманието од главните креатори на она што се случило на 27 април и да се пренасочи кон него и неговиот кабинет. Тој се пожали дека македонската јавност повеќе верува на обвинет, отколку на официјалните институции.
„Ова е очаен обид да се сврти сето вниманието од главните креатори на сето тоа што се случило на 27 арпил и да се пренасочи кон претседателот и неговиот кабинет. Нашата јавност таква е, верува на обвинет, а не на официјални институции“, изјави Иванов, одговорајќи на новинарско прашање по доделувањето на признанијата „Македонски квалитет“ на Сојузот на стопански комори на Македонија.
За тврдењето на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа дека планирал да воведе воена состојба, но се повлекол под притисок на странски фактор, Иванов рече: „Нека се јават и нека кажат кој реагирал и кој барал јас да не воведувам воена состојба“.
Во сведочењата на обвинети на судењето за 27 април неделава беа споменати претседателскиот советник за национална безбедност Синиша Алексоски и генералниот секретар на претседателскиот кабинет Борис Јосифовски како учесници во организацијата на нападот на Собранието. И двајцата негираат каква било вмешаност.