ПО СИНИША АЛЕКСОСКИ, И БОРИС ЈОСИФОВСКИ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ ПОСОЧЕН КАКО УЧЕСНИК ВО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ВО СВЕДОШТВА НА ОБВИНЕТИТЕ

    ПО СИНИША АЛЕКСОСКИ, И БОРИС ЈОСИФОВСКИ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ ПОСОЧЕН КАКО УЧЕСНИК ВО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ВО СВЕДОШТВА НА ОБВИНЕТИТЕ„(Ексначалникот на Петтата управа Горан) Грујевски доби повик: ’Вонредна состојба нема да има! Под притисок на странски фактор кај претседателот Иванов!”, сведочеше вчера обвинетиот Александар Василевски - Нинџа за настаните од 27 април лани. - Генералниот секретар во Кабинетот на Иванов Борис Јосифовски; Советникот на национална безбедност на Иванов Синиша Алексоски (Фото: Претседател на РМ)

    Борис Јосифовски, генерален секретар во Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, вечерта на 27 април лани бил во салата на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се давале наредбите за организираниот напад на Собранието, тврдеше во сведочењето обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на вчерашното судење. Од Јосифовски, како што кажа Нинџа, стигнала информација дека ќе биде прогласена воена состојба.

    „Во штабот на осми кат е и лицето шеф на кабинет на Иванов, Борис Јосифовски, и во секој момент може да биде прогласена воена состојба. Горан Грујевски ми кажа дека под прикриени операции внатре има луѓе од военото разузнавање. Секој момент ќе биде прогласена. Одеднаш доби повик. Рече: ’Ова не е на арно. Некој друг ја презеде контролата!‘“, сведочеше Нинџа, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    Од Кабинетот на претседателот, синоќа по сведочењето на Нинџа испратија соопштение во кое се вели дека никогаш не се размислувало за прогласување на воена или вонредна состојба.

    „Последното посочување на генералниот секретар на кабинетот на претседателот Борис Јосифовски, во функција на наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба на 27 април 2017 година е уште еден во низата очајни обиди за конструирање сценарио за неосновано вмешување на кабинетот на претседателот и лично на претседателот во настаните од 27 април 2017 година“, се вели во соопштението.

    Од Кабинетот на Иванов сепак, не демантираат дека Јосифовски бил присутен на 27 април лани за време на нападот на Собранието во паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

    Јосифовски е второ лице од кабинетот на Иванов кое се споменува во сведочењата на судењето за организираниот напад во Собранието во контекст на прогласување воена состојба. Во понеделникот, обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски во својата одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексоски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека во 22 часот ќе биде прогласена воена состојба.

    „Стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече во своето сведочење во понеделникот Михаил Младеновски.

    По ваквиот исказ на браќата Младеновски, Алексоски, исто така, преку  соопштение од Кабинетот на Иванов,  кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации, рекла-казала муабети и доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.

    Обвинетиот Василевски, давајќи ја својата одбрана кажа дека во паравоениот штаб на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, покрај Јосифовски биле и Билјана Бошковска Бришковска, Миле Јанакиески, Митко Чавков, Спиро Ристовски и Кирил Божиновски, кои гледајќи го преносот на ТВ Нова, давале насоки. Потоа во штабот дошол и директорот на УБК Владимир Атанасовски.

    „Како се гледаше ‘ТВ Нова‘ на телевизор, така се даваа наредби. Билјана Бришкоска комуницираше со Трајко Вељаноски, Миле и Спире со Бетмен, Чавков со Ивица Вучевски и Митко Пешов. Билјана Бришкоска-Бошковски критикуваше дека пратениците не си ја завршиле работата. Немало тепачка, разочарана беше. Пратена беше насока до пратениците да ги отворат собраниските врати“, кажа Нинџа.

    Токму Бришковска, Јанакиески, Чавков, Ристовски, Божиновскии  и Атанасовски ѝ ги посочи Нинџа на судијката Добрила Кацарска, дека треба да ги праша за тоа кој го смислил нападот на 27 април лани.

    Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност кој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста со тоа што не издал никаква наредба за дејствување на полицијата при организираниот напад на Собранието на 27 април лани, немаше никакво спротивставување, никаков приговор на сведочењето на кообвинетиот Александар Василевски-Нинџа дека бил дел на паравоен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во партиското седиште што тој го видел со свои очи таа вечер. Ништо од кажаното Чавков на денешното сведочење на Нинџа не демантираше. Премолчеа буквално сè тој и неговиот адвокат.

    Во сведочењето Нинџа кажа дека Борис Дамовски, Игор Дурловски, Бетмен и Владо Јовановски, биле фиктивни водичи на протестите „За заедничка Македонија“, добивале пари од партијата и дека протестите биле контролирани од структури на ВМРО-ДПМНЕ.

    Судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, во кој за терористичко загрозување за уставниот поредок и безбедноста се обвинети 33 лица ќе продолжи в понеделник, со нови сведоци, откако судот денес извести дека прифаќа да бидат изведени и листите на докази предложени на 22 август . Меѓу оние кои ќе сведочат е и поранешниот претседател на Собранието Трајков Вељановски, кој е предложен како сведок од неговиот тогашен телохранител, обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари