НАШИТЕ ОДНОСИ 30 ГОДИНИ СЕ ЦВРСТИ КАКО ШТО Е ЦВРСТ КАМЕНИОТ МОСТ, КАЖА ЕРДОГАН ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ ВО ИСТАНБУЛ

    НАШИТЕ ОДНОСИ 30 ГОДИНИ СЕ ЦВРСТИ КАКО ШТО Е ЦВРСТ КАМЕНИОТ МОСТ, КАЖА ЕРДОГАН ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ ВО ИСТАНБУЛВо Истанбул, Мицкоски и Ердоган потпишаа политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. (Фото: Влада на РСМ)

    На првата посета на Турција како премиер, Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул потпишаа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.

    „Ова е значаен чекор за односите меѓу двете држави, а основите на ова се содржани во самиот темелен документ наречен ‘Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција’, потпишан уште во 2008 година. Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување“, рече Мицкоски.

    Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Северна Македонија, потенцираше Ердоган.

    „Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот Мост во Скопје“, рече тој.

    Ердохан ја потенцира и важноста на турската заедница во Македонија за одржувањето блиски односи меѓу двете држави.

    При посетата двајцата лидери разговарале и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството. Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот, кажа Мицкоски.

    „Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна, неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од, би рекол, до една милијарда долари“, рече премиерот.

    За Ердоган тој рече дека неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со Македонија и му посака добредојде во Скопје, во Охрид и на било кое место во земјава, кога и да посака.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира