Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека наскоро ќе има трета влада предводена од Зоран Заев и смета дека треба да има одредени кадровски промени меѓу министрите, во гостувањето во „Утрински брифинг“.
„Сметам дека ќе добиеме наскоро нова влада ‘Заев 3’, дали се тоа двајца, тројца, пет или седум министри што ќе се сменат. Сметам дека Заев ќе остане на неговата лична одлука за повлекување. Треба да има реконструкцијата на владата, без оглед дали ќе влезе нова партија или ќе остане истото мнозинство, сметам дека треба да има одредени промени на кадрите“, изјави Битиќи, кој е истовремено и потпретседател на СДСМ.
Првата влада предводена од Заев беше избрана на 31 мај 2017 година, а втората таква влада беше избрана на 30 август 2020 година.
За оставката на Заев, Битиќи кажа дека го цени високо чинот да ја одложи додека не се стабилизираат процесите и дека не треба да се сфаќа предраматично.
„Оставката е висок демократски чин и во нормални земји тоа би го сфатиле како начин да се преиспита зошто работите не оделе како што треба и да се направи нов состав на влада или нов состав на раководството на партијата. Кај нас тоа се сфаќа предраматично. Но, го ценам високо и чинот на одложување на оставката додека не се стабилизираат процесите“, вели Битиќи, додавајќи дека не очекува „Заев 4“ влада.