Со спојувањето на повеќе предмети во Концепцијата за основно образование на Министерството за образование и наука (МОН) ќе се намали бројот на работни места во секторот образование, а истото може да предизвика појава на технолошки вишок, реагираат Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Здружението на историчари на Македонија. Станува збор за Концепцијата која е воведена од 2021, и која почна со тогашните деца од прво и четврто одделение, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и наесен треба да ги опфати кога ќе бидат трето и шесто одделение. Со таа програма, се спојуваат предметите историја, граѓанското образование и географија“ во „Историја и општетство“.
- НЕ СЕ УКИНУВА ПРЕДМЕТОТ ИСТОРИЈА, ТУКУ СЕ СПОЈУВА ВО ОПШТЕСТВЕНИ НАУКИ, ИСТО КАКО И ГЕОГРАФИЈА, ОТИ УЧЕНИЦИТЕ НЕ ЗНААТ ДА ПОВРЗУВААТ ФАКТИ, РЕЧЕ ЦАРОВСКА
- УЧЕЊЕ СО РАЗБИРАЊЕ НАМЕСТО УЧЕЊЕ НА ПАМЕТ, ПРВАЧИЊАТА ВО СЕПТЕМВРИ СО НОВА НАСТАВНА ПРОГРАМА
Синдикатот вели дека спојувањето на предмети може да предизвика појава на технолошки вишок, земајќи го во предвид моменталниот закон во кои висината на платата се исплаќа според бројот на наставни часови.
„Ќе ги преземеме сите расположливи средства да се заштитиме самите себеси како и нашите права и нашиот углед. Во периодов имаме раст на бројот на членови и формирање на нови организации низ повеќе општини и училишта, во брзо време ќе се стекне со репрезентативност и на располагање ќе ни стои алатката за прекин на работниот процес во форма на штрајк“, вели Томислав Гиевски, претседател на НСОН.
Од Здружението реагираат дека историјата мора да остане посебен предмет во образованието за шесто одделение, и дека се против тоа што со Концепцијата е укинат предметот Историја.
„Категорично застануваме во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја“, вели Здружението на историчари.
Оттаму потсетуваат дека лани во декември, до МОН поднесоа барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за петто одделение, во кој нотираа 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла и дека сѐ уште не се известени дали е повлечен од употреба.
Министерството на 16 декември соопшти дека преку Националната комисија за учебници, почнат е процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат.
Б. НЕСТОРОСКА