Наставниците, негувателките и воспитувачките во градинките кои штрајкуваат нема да земат плата, туку ќе им бидат платени само придонеси. Како што соопшти Владата, оваа одредба е предвидена со Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во градинките. Според одредбата, рокот за усогласување на платата во образованието и во градинките со минималната плата е 6 месеци. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) излезе на штрајк пред да помине овој рок на усогласување. Минималната плата беше покачена на 18.000 денари од март.
„Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок“, велат од Владата.
СОНК вчера го одби предлогот на Владата за зголемување на платите за 2.500 денари и рекоа дека штрајкот ќе продолжи односно децата нема да одат во училиште.
Од Владата потсетуваат дека претходно низ партнерски дијалог е постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување, платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негувателите за околу 5.000 денари.
А. АНТЕВСКА