НАВИСТИНА НЕ Е МОМЕНТ ЗА ВЕТИНГ, ТРЕБА САМО ДА СЕ ПРОЧИСТАТ МАЛКУМИНА НЕЧЕСНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    НАВИСТИНА НЕ Е МОМЕНТ ЗА ВЕТИНГ, ТРЕБА САМО ДА СЕ ПРОЧИСТАТ МАЛКУМИНА НЕЧЕСНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, ВЕЛИ ЗАЕВВладата својата редовна 171. седница ја одржа во Куманово, а првите точки беа посветени за проблемите на општините од Североисточниот регион. - Зоран Заев и Радмила Шекеринска (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека нема потреба се користи терминот ветинг во правосудството, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој денеска рече дека ситуацијата во правосудството и не е така лоша. Заев, кој вечерва во Куманово водеше владина седница, рече дека нема потреба да се прави ветинг како во Албанија, туку само да се прочистат, како што кажа, малкумина нечесни судии и обвинители, за кои има индиции за сериозни незаконски или ненавремени постапувања.

    „Навистина не е момент за ветинг, заради тоа што ветингот ја отсликува состојбата на наша пријателска Албанија, којашто беше навистина во поразлични состојби од нашето правосудство. Но, секако не е сјајна работата во правосудството. Така да ние почнавме процес на прочистување на правосудството и не треба да користиме поимот ветинг, ако е ветинг сега треба да се подредиме позади Албанија, па да чекаме да поминеме, навистина немаме потреба. Но, за да можат да работата сите чесни судии и обвинители мора се направи прочистување на оние малкумина нечесни, со индиции сериозни за навлезеност во незаконски постапувања, ненавремени постапувања, држење предмети во фиока, поништување на предмети и враќање на почеток, застарување на предмети и сето тоа коешто претставува проблематика, со зборови на нашиот народ кажано. Очекувам дека самите институции согласно сегашната регулатива, а тоа е Законот за судски совет и Законот за судовите и Законот за антикорупција го дава, ќе си постапат по самите закони. При самото такво постапување ќе го направат прочистувањето“, изјави Заев.

    Тој повтори дека ја повикува Европската комисија да го ангажираат тој инструмент, односно мониторинг на случаи од висок профил за криминал и корупција, односно таму јавноста каде што е посебно заинтересирана, мониторингот да го воспостави Европската комисија.

    „Дадов и насока како претседател на Владата, УЈП, Катастар, Централен депозитар, Централен регистар, Финансова полиција, МВР да влезе и да направи комплетна проверка на пари, имот, на судии, обвинители, членови на нивни семејства и слично. Низ тоа ние политичарите минуваме на секои 2-3 години и навистина треба да се направи во сите оние трансформации кои што следуваат во нашата земја ќе се случуваат и низ поглавјата и низ се. Треба да направиме едно прочистување. За мене никој не можам да го оквалификувам дека ќе биде податлив за сите овие проверки, но секој оној што ќе се покаже како податлив навистина треба да ги напушти правосудните институции, заради тоа што очекувањата на граѓаните се високи. Ако граѓаните имаат високи очекувања тогаш сите треба да делуваме, мора да делуваме согласно законите и јас верувам дека едно вакво прочистување ќе даде резултати, со што ќе се враќа довребата во правната држава и во владеење на правото“, додаде Заев, пред почетокот на владината седница во Куманово.

    Владата својата редовна 171. седница ја одржа во Куманово, а првите точки беа посветени за проблемите на општините од Североисточниот регион. Додека траеше седницата, пред Занатскиот дом, на Градскиот плоштад протестираа членови на ВМРО-ДПМНЕ, поради енормното загадувањето во Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира