Ракот на дојка не е крај, знаете дека не сте сами, кажа претседателката на здружението „Борка“ Биба Додева, на 11. Розовата прошетка – Напред розово за подигање на јавната свест дека навременото откривање на болеста е важно за излекување. Таа рече дека годишно се откриваат околу 1.200 нови случаи, а стапката на смртност е над 400.
„Најдобар рак е оној што нема да го добиеш. Здравјето е инвестиција во својата иднина. Нема здрава нација, ако нема функционално општество”, рече Додева и се заблагодари на здравствените власти, за кои рече дека конечно излегле од комфорната зона и дека се подобрува третманот на болните што се борат со рак на дојка.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, чија амбасада традиционално ја поддржува оваа хуманитарна акција, рече дека ова е одлична можност да се подигне свеста дека ракот на дојка е излечив и дека е важна поддршката од семејството и заедницата.
„Чест е да бидеме партнери на овој настан, да се подигне свеста за ракот на дојка и за нивните семејства. Во тек на октомври во светот се организираат настани за собирање средства за борбата со ракот на дојка. Досега се собрани над два милиони долари за истражувања и поддршка на луѓето. Периодот на петгодишно преживување во САД е зголемен како резултат на овие хуманитарни настани. Моето семјество беше погодено од рак на дојка, и секој се соочува преку нивните пријатели, колеги или заедницата”, рече Брнз.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека обезбедиле прволиниска терапија за сите жени што се лекуваат, како и второлиниска за 15, и градник за оние кои се оперирани.
„За следната година на товар на Фондот ќе обезбедиме и нараквица за лимфедема, како и ослободување од партиципација за сите пациенти со малигни болести“, рече Филипче.
Тој рече дека во тек е набавка на осум нови мамографи и дека ги поправиле постоечките, поради што имало одредени застои во дијагностиката.
„Секако, и со ‘Борка’ го почнуваме караванот за подигање на свеста“, рече Филипче.
Сопругата на претседателот Елизабета Ѓорѓиевска-Пендаровска кажа дека е многу важно оние што се соочуваат со болеста да побараат помош, да зборуваат, да се спречи стравот и да знаат дека таа е излечива.
Е. БОЧВАРОСКА