Не бараме да организираме традиционални македонски свадби, туку само сакаме да работиме според веќе донесени правила и протоколи кои важат за останатите ресторани, побараа угостителите на протестот во скопската населба Автокоманда, каде што го блокираа приодот кон центарот на градот.
Протестот го организираше здружение кое обединува ресторани кои организираат настани и ноќни клубови, заедно со придружните дејности, музичари, фотографи, цвеќари, декоратери, шминкери и модни дизајнери.
„Ние немаме ограничувања во работата, ние имаме целосна забрана за вршење на нашата примарна дејност за која сме ги отвориле објектите. Делумната помош во плати и еднократната помош од 10.000 евра не се доволни за да сервисираме објекти од 1.000 квадрати. Плаќаме давачки, банките нѐ притискаат и стануваме неликвидни, зашто една година немаме остварено промет. Ние не работиме зашто ни е забрането да работиме“, изјави претставникот на здружението Перица Голомеиќ.
Тие потсетуваат дека од 23 јуни не смеат да организираат свадби, крштевки и родендени, а пред тоа, уште три месеци беа целосно затворени.
„Ние располагаме со големи капацитети и имаме услови да организираме настани, на кои би се почитувале сите усвоени протоколи. Македонија е единствената земја во регионот која цела година нема протокол за организирани настани“, кажа Голомеиќ.
Освен во Скопје, протест денеска имаше и во Гостивар, а доколку Владата не им излезе во пресрет со посебен пакет мерки, протестите ќе се интензивираат и во други градови.
Г. КОНЕВ