Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека не е негова работа да се меша ако некој директор од клиниките во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ангажира советник од поранешните економски директори.
Собранието на 13 август го донесе Законот за изменување на Законот за здравствената заштита, со кој се укинуваат економските директори, по речиси 40 дена откако Владата ги усвои предлог-измените.
Според новите законски одредби, се укинува постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите. Од сега натаму, со овие установи ќе раководи само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето.
На Клиничкиот центар и во другите болници, вкупно имаше околу 30 економски директори, за што од буџетот само за плати годишно се трошеа нешто повеќе од половина милион евра.
На денешната прес-конференција во Владата по настанот „Предизвици и можности во процесот на проширување на листата на лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување“, на новинарско прашање за економските директори и обвинувањата дека сега се ангажираат како советници, конкретно на Детската клиника, министерот рече: „Законски веќе не постојат, доколку некој смета дека некој од бившите економски директори би бил некаков експерт и дека треба да го земе како советник, тоа е негова работа. Ние законски го регулиравме, сега клиниките имаат по 1 директор, наскоро сите клиники ќе имаат само 1 директор. Ние одиме по рационализирање, а тие кои што сметаат дека одредени луѓе се експерти може да ги примаат по министерства и по различни здравствени установи и по други компании, што јас не можам да се мешам во тоа, воопшто не е моја работа“.
Економските директори во клиниките беа воведени пред 18 години. Во 2006, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори. Тоа беше направено по примерот на менаџирање во банките, па истиот систем се преслика и во јавното здравство – да има еден директор за медицинскиот аспект, и втор за административниот и за финансискиот дел од работата.
Пред да дојде на власт, СДСМ увиде дека тоа е проблем – па во програмата за вонредните парламентарни избори во 2016 напиша дека ќе ги укине економските директори. И тоа со конкретен рок, до 1 декември 2017. Тоа не се случи. Арбен Таравари како министер во 2017 разреши неколку директори, но системот не го укина. Тоа не го направија ни другите министри за здравство во владите на коалицијата СДСМ-ДУИ, затоа што ДУИ одбиваше да се измени законот.
Министерот Таравари на 1 јули рече дека за цел Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе има еден медицински и еден економски директор, а не како што е сега, секоја клиника со по двајца директори.
Б. НЕСТОРОСКА