Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека нема ништо спорно во изборот на неговиот баџанак Нури Бајрами за член на новата Антикорупциската комисија.
Џафери на прес-конференцијата по распишувањето на претседателските избори рече дека баџанакот Бајрами бил избран во транспарентен процес во кој покрај пратенци учествувале и претставници на медиумите, невладини организации, на Народниот правобранител и МАНУ.
Одговарајќи на новинарско прашање како неговиот баџанак влегол во составот на Антикорупциската комисија тој одговори: „Во тој контекст ќе ви одговарам. Како вашот колега новинар влезе во тој состав на Антикорупциска? За разлика од порано не беше само Собранието вклучено во процесот на избор. Јас гласав за листата предложена од Комисијата за избори и именување, не гласав поединечно“, изјави Џафери.
Новиот антикорупционер Нури Бајрами чија жена е сестра со сопругата на Талат Џафери исто така не гледа ништо спорно во неговиот избор и рече дека нема да работи пристрасно и да подлегне на притисоци.
„Да, точно е дека сме баџанаџи, но согласно законот е регулирано дека треба да има изземање ако во тек на постапката човекот кого го споменувате е дел од постапката. Талат Џафери не беше ни дел од Комисијата за селекција, ниту од Комисијата за избори и именување. Не сум во роднинска врска, сватовство до втор степен се други роднини, прашајте луѓе кои се експерти по семејно право“, рече Бајрами по давањето на свечената изјава во Собранието.
Покрај Бајрами нови членови на Антикорупциска се Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Горан Трпеноски и Салаи Шемши. За претседателка е избрана ревизорката Билјана Ивановска.
А. АНТЕВСКА