НЕ Е ТОЧНО ДЕКА ИМАМЕ НАЈЕВТИНО ГОРИВО, ДИЗЕЛОТ ВО СЛОВЕНИЈА Е 1,52 ЕВРА ЗА ЛИТАР, А КАЈ НАС 1,55 ЕВРА, ГО ПРЕКИНА ФАЛЕЊЕТО НА ВЛАДАТА ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА

    НЕ Е ТОЧНО ДЕКА ИМАМЕ НАЈЕВТИНО ГОРИВО, ДИЗЕЛОТ ВО СЛОВЕНИЈА Е 1,52 ЕВРА ЗА ЛИТАР, А КАЈ НАС 1,55 ЕВРА, ГО ПРЕКИНА ФАЛЕЊЕТО НА ВЛАДАТА ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊАСпасовски му ги прочита цените на храната на министерот Дурмиши и му рече да излезе до зелено пазарче сам да види колку се покачиле за една недела. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ ги отвори денеска пратеничките прашања со акцент на големите поскапувања на горивата, храната и други производи. Тој го праша министерот за економија за економската криза која, како што рече, тропа на врата и му читаше цени од собраниската говорница.

    „Иако сме свесни дека ова е глобална криза, факт е дека во Македонија нафтата и дериватите поскапеа, зашто немаше мерки. За една недела поскапеа за по околу 40 денари зејтин, месо, млеко, јајца, пилешко месо. Денеска пиперките се 300, доматите отидоа над 200 денари. Дали ќе преземете некои мерки министре да се запре ова поскапување? Второ, сакам да прашам за полагањето правосуден испит. Досега не е формирана комисијата за полагање, рокот за пријавување полагање во април е поминат. Ова е спротивно на Законот за полагање на правосуден испит. Трето, иако денеска на пратенички прашања нема претставник од МНР, го нема ни заменик-министерот дали е точно дека повеќе од пола зграда е вон функција поради дождови и оштетување од влага? Еве ги фотографиите со мокар и гнил покрив и тавани, под кои секојдневно се одржуваат состаноци и во кои услови работат службениците”, покажа Спасовски.

    Министерот Бесар Дурмиши на првото прашање одговори дека владата го намали данокот на додадена вредност од 18 на 10 отсто.

    „Нашата земја има најниска цена на деривати во регионот. Ако има енормно зголемување на цените на производите, на храната, тука сме да донесеме мерки во заштита на граѓаните. Пазарниот инспекторат контролира, инспектира, досега не сме добиле информација за енормно зголемување на маржата на производите. А од глобалните цени не можеме да се спасиме”, рече Дурмиши.

    Спасовски повторно му ги прочита цените на министерот и му рече да излезе до зелено пазарче сам да види колку се покачиле за една недела.

    „И не е точно дека имаме најниска цена на горивата во регионот. Дизелот во Словенија е 1.52, а во Македонија 1,55 евра за литар”, го демантираше Спасовски.

    Во одговор на второто прашање, заменикот-министер за правда Ален Деребан рече дека е формирана Комисијата за полагање правосуден испит, а пролонгирањето е зашто имало слабости во минатото. Функционери и цели нивни семејства положувале, а и генерално успехот бил над 90 проценти, што е симптоматично, како што рече за министерството.

    „Сите претходно пријавени ќе полагаат следниот период, нема да им се ускрати правото, но ќе полагаат под други стандарди”, кажа Деребан.

    Спасовски рече да не брзаат, слободно нека прават анализи 4 години и ништо нека не работат во Министерството за правда.

    „Прајте си анализи, не брзајте, па децава може и ќе дојдат до некоја испитна сесија да полагаат правосуден испит”, рече Спасовски.

    Третото прашање за прокиснатите тавани во зградата на МНР, на Спасовски ќе му биде одговорено писмено.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира