Да не се враќаме кон минатото и да бараме виновник за долговите на клиниките, туку да се најде начин тие да се исплатат, рече директорката на Службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар, Шкодране Дарлишта.
Таа не одговори колкaви се вкупните долгови на клиниките, особено долговите за струја, вода и греење, но кажа дека сите клиники имаат долгови.
„Во јавната установа од областа на здравството има долгови, но тоа се долгови на клиниките, бидејќи ние не даваме здравствени услуги, туку сме само линк меѓу клиниките и добавувачите. Овие долгови се од минатата гарнитура. Се трудиме да најдеме решение заедно со министерот и со новопоставените директори. Ние не се враќаме во минатото да видиме, кој, каде и како, туку се обидуваме да најдеме соодветно решение и да се исплатат сите долгови“, рече Дарлишта, на денешната промоција на тријазични табли и патокази за клиниките.
Министерот за здравство Арбен Таравари непосредно по стапување на функцијата пред околу три месеци, обелодени дека ЈП „Водовод и канализација“ најавило дека ќе ја исклучи водата на клиниките поради неплатени долгови.
„Зедно со министерството најдовме заеднички јазик за долговите кон Водовод, односно потпишавме договор со Водовод за плаќање на рати. Сега ратите од долгот навреме ги плаќаме“, рече Дарлишта.
Клиниките со години имаат проблем да ги покријат долговите за тековно работење. Во 2009 година Фондот за здравствено осигурување ги покри сите долгови на клиниките. Но, ни директорката на Службата за општи и заеднички работи, ниту министерот Таравари кажаа како настанале овие долгови и дали ќе има одговорност.
„Треба да се направи анализа и да се види зошто се направени тие долгови. Да не биде одговорност само од еден директор, а сите претходни директори на клиниките се сменети. Се надевам дека новите директори нема да направат такви грешки, и дека навреме ќе ги плаќаат долговите што ги имаат. Инаку сите здравствени установи се во долгови“, рече Таравари.
Службата за општи и заеднички работи на скопските клинки постави нови табели и патокази во клиничкиот центар, кои се тријазични, односно на македонски, албански и англиски. Поставена и е мапа од клиниките за да можат пациентите полесно да ја најдат клиниката во која се упатени. Дарлишта најави дека во втората фаза од проектот ќе се стават вакви табели пред секоја клиника, а поставени се 16 канти за отпадоци. Во втората фаза е предвидено и клинички центар да се осветли. За реализација на овие активности, кои се прават по налог на Министерството за здравство, Службата за општи и заеднички работи ќе потроши 500.000 денари.