НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ИЗБОРИ, ТУКУ ЗА РАБОТА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ

    НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ИЗБОРИ, ТУКУ ЗА РАБОТА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев кажа дека реализацијата на капиталните инвестиции лани била 83,6 отсто, односно 19, 8 милијарди денари. (Фото: М. Златевска)

    Премиерот Зоран Заев апелираше до компаниите да прават храбри бизнис планови и да инвестираат во развој на економијата оваа година. Тој кажа дека граѓаните освен успех на меѓународен план очекуваат резултати и дома на економски план.

    „Не е време за избори, туку за работа. Очекуваме 2018 година економијата да тргне напред и да расте, и затоа ја охрабрувам бизнис заедницата да прават бизнис планови и да инвестираат слободно“, рече Заев по состанокот со министерот за финансии Драган Тевдовски, на кој се разговарало за реализацијата на капиталните инвестиции лани и за проекциите за капитални инвестиции за оваа година.

    Заев кажа дека реализацијата на капиталните инвестиции лани била 83,6 отсто, односно 19, 8 милијарди денари, и дека тоа е најголема реализација на капитални инвестиции од 2013 година наваму.

    „Новата Влада главно плаќаше долгови, освен автопатот Демир Капија Смоквица немаше поголеми капитални инвестиции. Но, тоа значи дека администрацијата има перформанси да ги реализира капиталните инвестиции и веќе на крајот на минатата година беа зголемени приходите во буџетот во однос на 2016 година, што значи дека економијата полека заздравува“, кажа Заев.

    Тој рече дека кон зголемената реализација на капиталните инвестиции влијаело тоа што со ребалансот на буџетот биле обезбедени дополнителни две милијарди денари за исплата на заостанати долгови, а дека е зголемен повратот на ДДВ кон фирмите и дека лани вратиле 35 милиони евра повеќе во стопанството во однос на 2016 година.

    Министерот Тевдовски кажа дека лани е зголемена наплатата на даноците за 4,6 отсто и дека и годинава ќе продолжат со неселективно забрзано враќање на ДДВ кон компаниите.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира