НЕ ГО СВИКУВАМ СОБРАНИЕТО, СЕ ОГЛАСИ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПО 4-ДНЕВЕН МОЛК ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА 

    НЕ ГО СВИКУВАМ СОБРАНИЕТО, СЕ ОГЛАСИ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПО 4-ДНЕВЕН МОЛК ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА Џафери вели дека со распуштањето на Собранието, иако пред појавата на коронавирус во нашата држава, повторното заседавање е завршена работа. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери по 4-дневен молк за иницијативата на 36 пратеници за свикување на Собранието, кажа дека останува на неговиот став дека нема уставна можност тоа да се случи. Во интервју на ТВ 21 тој кажа дека кој било друг начин за заседавање на Собранието, освен по парламентарни избори, е обид за пуч.

    Џафери додава дека се правело притисок врз него за повторно свикување на пратениците и заседавање на парламентот.

    „На 16 февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. По наредните избори ќе се собере Собранието“, дециден е Џафери.

    Претседателот Стево Пендаровски по носењето на втората одлука за вонредна состојба поради пандемијата со коронавирус, рече дека на негов ризик го прави тоа, за да не се изгубиме во правни флоскули додека пандемијата е раширена и е во полн ек, но апелираше да се соберат пратениците кои се уште земаат плата и да ги потврдат не само втората, туку и првата негова одлука за прогласување вонредна состојба. Така е пропишано во Уставот. Претседателот прогласува вонредна состојба од 30 дена, Собранието ја потврдува.

    Истото го побараа и пратениците од коалицијата со владејачкиот СДСМ со иницијативата, на која не се потпишаа колегите од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ.

    Пендаровски потенцираше дека спротивно на тврдењето на Џафери, Уставот бара од пратениците да расправаат и да ја потврдат одлуката на Претседателот и оти за овие две ситуации им е оставен мандатот до новите парламентарни избори. Додаде и дека за тоа земаат плата.

    Џафери вели дека со распуштањето на Собранието, иако пред појавата на коронавирус во нашата држава, повторното заседавање е завршена работа. А за тоа што земаат плата самораспуштените пратеници, ако некому му пречи, може да покрене иницијатива да го смени законот за пратеници.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира