Џезаир Шаќири-Хоџа се повлекува од функцијата надворешен соработник на премиерот Зоран Заев.
Џезаир Шаќири, поранешен командант на ОНА, кој веќе неколку дена се наоѓа во центарот на вниманието на македонската јавност откако стана надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за борба против радикализмот, денеска во изјава за државната агенција МИА, потврди дека ја напушта функцијата.
„Причината за тоа лежи во фактот дека медиумите во Македонија кренаа преголема врева за ова назначување. Единствениот политичар во Македонија што ми укажал некаква шанса е премиерот Зоран Заев и тој единствено ја има мојата почит. Не сакам заради ова Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО. Ако мислеа дека ми е до тие пари, се лажат. Еве им ги назад, не ми се потребни“, изјави Шакири за МИА.
Премиерот Заев за назначувањето на Хоџа за советник за внатрешната безбедност и борба против радикализмот кажа дека тој чесно ќе си го заработува лебот бидејќи издржува многудетно семејство.
Шаќири беше ангажиран со времен договор на една година со плата од 36.000 денари месечно.