НЕ МОЖЕ НИ МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ДА СЕ РАСПИШЕ ЗА МИЈАЛКОВ, МОЖЕ УШТЕ ДВА ДЕНА СЛОБОДНО ДА СЕ ШЕТА ВО СТРАНСТВО

    НЕ МОЖЕ НИ МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ДА СЕ РАСПИШЕ ЗА МИЈАЛКОВ, МОЖЕ УШТЕ ДВА ДЕНА СЛОБОДНО ДА СЕ ШЕТА ВО СТРАНСТВОВо делот Потраги на сајтот на МВР сè уште стои национална потерница по Сашо Мијалков. (Фото: МВР/принтскрин)

    Судот не може да распише меѓународна потерница сè уште зашто кривичниот совет место за ефективен, донел поблага мерка куќен притвор за исчезнатиот Сашо Мијалков. Со куќен притвор, не може да се распишува интернационална потерница, вели законот и со тоа му се даваат на Мијалков најмалку два дена комоција на границите каде и да е тој, на Балканот, во Европа или светот. Основниот кривичен суд попладнево сепак одобри распишување на меѓународна потерница по Мијалков на барање на МВР, но извори од судот велат дека Интерпол нема да ја спроведе така издадената потерница.

    Обвинителството по информациите дека се подготвува обвинетиот за бегство веднаш до судот побарале мерка притвор. На судиите им се видело преостра таа мерка, со оглед на тоа што полицијата постојано известувала дека има визуелен контакт со Мијалков, тука е, го следат, а и поради тоа што никогаш досега не излезе откако му е одземен пасошот, туку мирно ги прифаќаше одлуките на судот за разлика од многу други обвинети поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

    Одлуката за куќен притвор ја донеле судиите од организиран криминал во Кривичниот суд: Огнен Ставрев, Илија Трпков и Васка Николовска-Масевска.

    Според информациите од судот, обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов поднеле жалба до Апелациониот суд Скопје против синоќешната одлука за куќен притвор, поради која сè уште не може да се распише меѓународна потерница за Мијалков. Сè додека нема таква потерница, туку само домашна, тој нема да биде уапсен на ниту една граница во странство. Апелациониот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбата.

    Во петок треба да биде изречена пресудата за масовното незаконско прислушување на стотици граѓани, каде првообвинет е токму Мијалков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира