НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО АКО НЕ СЕ ПРИЈАВУВА, ВЕЛИ ЕЛИЗАБЕТА ЃОРГИЕВСКА

    НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО АКО НЕ СЕ ПРИЈАВУВА, ВЕЛИ ЕЛИЗАБЕТА ЃОРГИЕВСКАЖените и девојките секојдневно се цел на навреди. (Фото: К. Попов)

    Иако не е физичко насилството во виртуелниот свет, подеднакво боли и остава трајни последици, рече денеска д-р Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, на промoцијата на Поимникот за родово базирано насилство со посредство на технологијата, изработен во рамки на кампања за едукација и подигање на свеста за насилството.

    „Многу жени ширум светот доживеале некаква форма на родово базирано насилство, извршено со злоупотреба на технологијата. Додека, девојчињата и девојките, младите жени, се особено подложни на тоа. Колку сме поинформирани за разновидните начини на кои што интернетот може да биде употребен, односно злоупотребен конкретно како алатка за насилство, толку полесно ќе биде тоа да се спречи, соодветно да се реагира и да се санкционира“, рече Ѓоргиевска.

    Според неа, честопати многумина, особено младите, дури не се ни свесни за тежината на постапките на социјалните мрежи, се чувствуваат слободни и сигурни зад тастатурата да можат да загрозуваат друга личност, дискриминирајќи, навредувајќи, извршувајќи насилство, а тоа, како што рече, мора да запре.

    Ѓоргиевска им се заблагодари на сите кои отворено зборуваат за насилството што им се случило и со тоа ги охрабруваат и останатите жртви да не потиснуваат и да не живеат во страв.

    „Доколку за нештата не зборуваме и не ги наречеме со вистинското име, не можеме да се бориме против нив“, потенцираше Ѓоргиевска.

    Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека со развојот на технологијата, информациите брзо се шират. Сведоци сме на злоупотреба на интернетот и дигиталните технологии за комуникација, за насилство врз жените, говор на омраза, сексизам, злоупотреба на фотографии и видеа и нивно фалсификување.

    „Сведоци сме и кај нас преку социјалните мрежи колку често се шири говор на омраза и сексизмот кон жените и девојките. Жените и девојките се цел на навреди, а нивните слики и видеа се подложни на понижувачки сексуални дејствија без согласност. Токму затоа, наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените и девојките, нагласи министерката“, кажа министерката.

    Настанот го организираше Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира