„НÈ НАВРЕДУВАА ЦЕЛА ВЕЧЕР И НÈ ДРЖЕА ВО НАЈНЕХУМАНИ УСЛОВИ, НО ПРАВДАТА Е ЗАДОВОЛЕНА“, РЕКОА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ КОИ ТРЕБА ДА ДОБИЈАТ ОТШТЕТА ОД ДРЖАВАТА

    „НÈ НАВРЕДУВАА ЦЕЛА ВЕЧЕР И НÈ ДРЖЕА ВО НАЈНЕХУМАНИ УСЛОВИ, НО ПРАВДАТА Е ЗАДОВОЛЕНА“, РЕКОА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ КОИ ТРЕБА ДА ДОБИЈАТ ОТШТЕТА ОД ДРЖАВАТАСексуалните работнички во земјава, традиционално, го почнаа маршот од пред Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија и завршија на плоштадот Филип Втори. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „5353 денови до правда“ е мотото на денешниот 16. Марш на црвените чадори во Скопје, во чест на одбележувањето на 17 декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.

    „Нè држеа цела вечер во најнехумани услови, уриниравме таму, нè навредуваа ‘курви’, но правдата конечно е задоволена“, рекоа дел од сексуалните работнички кои добија пресуда од Европскиот суд на човекови права дека во 2008 при полициска акција им биле повредени човековите права.

    Хајди Штерјова-Симоновиќ од ХОПС кажа дека изминативе години поднеле 4-5 пријави до државните институции за да биде декриминализирана сексуалната работа, но не добиваат одговор.

    Сексуалните работнички во земјава, традиционално, го почнаа маршот од пред Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија и завршија на плоштадот Филип Втори. Маршот го организира СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Тие бараат хуман и еднаков третман од страна на државата базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот на Македонија.

    „Оваа година одбележуваме 5353 денови до правда. Оваа година, по 16. пат гордо маршираме на улиците истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правдата постои и на крајот може да биде задоволена. Со овогодинешната кампања ‘5353 денови до правда’, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција ‘Сузбивање на улична проституција’ од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работнички и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Сексуалните работнички беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата, за време на целиот притвор, оставени без храна, вода и пристап до лекови“, велат од СТАР.

    Маршот традиционално се одржува по 16. пат во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тринаесет сексуални работнички, со поддршка на ХОПС поднесоа тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд ја преиначил пресудата, 4 од жртвите борбата ја продолжиле пред Европскиот суд за човекови права.

    „Конечно, во јули оваа година, 4 сексуални работнички добија заслужена победа пред Европскиот суд за човекови права. Долгогодишната правна битка за правда на сексуалните работнички по полициската акција во ноември 2008, најпосле заврши со пресуда на Европскиот суд во 2023, по жалбата поднесена во 2017  и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови. Согласно вака воспоставената пракса на Европскиот суд за човекови права, ги охрабруваме националните судови по примерот на Основниот граѓански суд во Скопје, секогаш да ги заштитуваат правата на маргинализираните и ранливите граѓани, како што се сексуалните работници, а особено кога правата се прекршени од страна на институциите кои треба да ги заштитат. Ги повикуваме надлежните институции во разумен рок да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права и конечно правдата да стигне до овие ранливи жени“, апелираат од Здружението СТАР.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира