Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа од Беса, вели дека не сака да седи на иста маса со ДУИ и нема да биде министер во „ваква влада“.
На денешната прес-конференција за одлуката на ДИК да има прегласување на едно избирачко место во Општина Желино, каде што победи Беса, Хоџа рече дека неговата партија денес и утре ќе има консултации како да продолжат понатаму, но негов личен став, без консултација со партиското раководство, е дека нема да учествува во влада со ДУИ.
„Наша единствена цел е големата слика за евроинтеграциската иднина на државата. Во сите процеси Беса покажа политичка зрелост и лидерство, но она што се случи во Желино ја надминува секоја норма и вредност на демократијата. Зборуваме за тотално непочитување на коалициски партнер. Ова се ситни политички уцени од страна на ДУИ. Без да се консултирам со партиското раководство, велам дека во влада ваква јас лично нема да бидам министер. И да одлучи партијата да се продолжи со ова владејачко мнозинство, јас како министер нема да бидам дел од тоа владејачко мнозинство. Не можам да се гледам со тие луѓе на маса како дел од владејачкото мнозинство, кои се подготвени да му забијат нож во грб на коалицискиот партнер“, изјави Хоџа.