НЕ СЕ ГОНАТ САМО ЈАНЕВА И РЕМЕНСКИ, СЕ ВОДАТ ТАЈНИ ИСТРАЖНИ ПОСТАПКИ И ЗА ДРУГИ АКТУЕЛНИ ФУНКЦИОНЕРИ, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛОТ ЈОВЕСКИ

    НЕ СЕ ГОНАТ САМО ЈАНЕВА И РЕМЕНСКИ, СЕ ВОДАТ ТАЈНИ ИСТРАЖНИ ПОСТАПКИ И ЗА ДРУГИ АКТУЕЛНИ ФУНКЦИОНЕРИ, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛОТ ЈОВЕСКИЈавниот обвинител Љубомир Јовески, министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Судскиот совет Киро Здравев на денешната прес-конференција. (Фото: Министерство за правда)

    Министерот за правда Бојан Маричиќ, државниот обвинител Љубомир Јовески и претседателот на Судскиот совет Киро Здравев ги поведоа реформите во судството и во обвинителството, поаѓајќи од обвиненијата поднесени пред неколку години преку кои се оценуваат главно судиите, а не толку преку зајакнување на обвинителството. И натаму истражните центри не се комплетни, Финансиската полиција, исто така, а за која обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска рече дека не стигаат оттаму случаи за перење пари и друг финансиски криминал, а сè уште не се избрани обвинители во нејзиниот нецелосен тим.

    Во врвот сме во Европа според бројот на обвинители по глава на жител, според извештајот на Европската комисија за ефикасност на правдата, но стручни соработници нема доволно. Обвинителствата гонат полесни кривични дела, за обични граѓани, а не против носители на јавни функции.

    „Не би се согласил со констатацијата дека обвинителството не гони актуелни политичари или одговорни лица од оваа власт. Во овој момент Обвинителството постапува по повеќе предмети на носители на одговорни функции, но за да не им наштетам на постапките и да го повредам принципот на пресумпција на невиност, нема да се задржувам на овие случаи. Се разбира дека не можеме докрај да бидеме задоволни со борбата против корупцијата и организираниот криминал, но првпат во овогодинешниот извештај на Европската комисија за правосудството е нотиран исчекор токму за овие резултати. Се согласувам со констатацијата за ресурсите на Обвинителството, но се оди на финансиско осамостојување како услов за независност во работата. Годинава вработивме 70-тина лица, од кои најголем дел се стручни соработници“, одговори на овие прашања на САКАМДАКАЖАМ.МК државниот обвинител Љубомир Јовески на денешната заедничка прес-конференција со Маричиќ и Здравев за презентација на методологија за проверка на работата на правосудството.

    На прашање, пак, дали осудената Катица Јанева, обвинетата Фросина Ременски и осомничената Лидија Димова се дострелот на оваа власт во борбата против организираниот криминал и корупција, министерот Маричиќ одговори:

    „Не знам зошто некого би исклучувале во набројувањето на актуелни или доскорешни  функционери во борбата против корупцијата. Не разбирам зошто би ја исклучиле довчерашната специјална обвинителка како пример, натаму пратеник или потпретседател на владејачка партија  или директорка на агенција која што располага годишно со милиони евра, и тие како примери за борба против корупција од актуелни функционери? Не се сеќавам дека претходната власт гонеше кривично толку високопозиционирани лица“.

    Не е соодветно да се тврди дека немало или нема истраги против актуелни функционери или дека станува збор за замајување со реформите, додаде Маричиќ.

    „Во делот на ресурсите, првпат после долго време се прават напори да се подигнат кадровските капацитети со нови вработувања на нови технички лица и стручен персонал, стручни соработници. Во економска криза сме, но ќе овозможиме сè што им треба, не само на обвинителите, туку и на судовите, за да се гарантира нивната независност“, рече тој.

    На новинарско прашање, Јовески одговори дека за обвинител кој ќе си поднесе оставка поради нестручно и несовесно работење, завршува дисциплинската постапка против него. Ако има сомневања дека тоа го сторил од криминални мотиви, тогаш обвинителството отвора постапка против него, но оти таков случај досега немало.

    За разлика од обвинителите, има судии кои одговараат и кривично по разрешувањето за нестручно и несовесно работење.

    Како што беше презентирано денеска, Судскиот совет преку Интерен план ќе ја следи и оценува работата на судовите, судиите и претседателите на судовите, додека Јавното обвинителство донело Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира