НЕ СЕ ЈАВИВ ДА ГИ СПАСАМ КОЛЕГИТЕ, Ѝ ОДГОВОРИ ТРАЈКО НА СУДИЈКАТА КАЦАРСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    НЕ СЕ ЈАВИВ ДА ГИ СПАСАМ КОЛЕГИТЕ, Ѝ ОДГОВОРИ ТРАЈКО НА СУДИЈКАТА КАЦАРСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛПоранешниот претседател на Собранието, сега пратеник, Трајко Вељаноски на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани. (Фото: К. Попов)

    Судијката Добрила Кацарска по распитот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски од адвокатите, обвинителката Вилма Рускоска и од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, почна да го прашува сведокот:

    „Во колку часот почна вашата комуникација на вибер со Горан Ѓошевски – Леви на 27 април лани?

    „Околу 17.50 часот“, рече Вељаноски.

    „Што точно му пишувавте на Ѓошевски?“, праша Кацарска.

    „Точно не се сеќавам, но комунициравме дека ситуацијата е вжештена, како и за тоа да го координира внатрешното обезбедување“, одговори Трајко.

    „Зошто во 17.48 часот му пишувате на Горан Ѓошевски: ’Бидете на штрек!‘?“, праша Кацарска.

    „Од лично досегашно искуство“, одговори Вељаноски.

    „И другпат сте му пишувале вакви пораки да биде на штрек? Имало и понепријатни ситуации“, искоментира таа.

    „Да, сум му пишувал и друг пат“.

    „’Сите знаат и од МВР‘. Што значи оваа порака што ви ја пратил Ѓошевски? Што тоа знаат од МВР?“, праша судијката.

    „Тоа значи дека сите од внатрешното и надворешното обезбедување во Собранието се вработени во МВР“, одговори Трајко.

    „Дали Ѓошевски ве извести дека во Собранието има луѓе со маски?“, продолжи Кацарска.

    „Не“, рече Вељаноски.

    „Не, а сепак и повторно кога би имале можност би го избрале за лично обезбедување, како што рековте?“, праша судијката.

    „Да“, рече тој.

    „Дали знаете дека Ѓошевски им го покажуваше патот на маскираните?“, продолжи Кацарска.

    „Не“, кажа Вељаноски.

    „А дека со картицата сакаше да им отвори врата?“, додаде судијката.

    „Не, не сум запознаен“, рече тој.

    „Дали се сеќавате дека во 15.30 на 27 април имате повторно комуникација со Горан Ѓошевски?“, праша Кацарска.

    „Да“, одговори Трајко.

    „За кој Душко зборувате во пораката?“, праша таа.

    „Душко за рафтови и полици што требаше да ги прави за во село“, одговори Трајко Вељаноски.

    „На 27 април како претседавач на Собранието, во таква зовриена состојба, вие зборите за рафтови и полици?“, праша таа.

    „Да“, ѝ одговори Вељаноски.

    „Дали се сеќавате дека на 28 април 2017 година Крсто Мукоски ви прати порака во која зборувате за камера? За таа многу актуелната кај собраниските врати?“, го прашуваше Кацарска.

    „Не се сеќавам“, рече тој.

    „На 9 мај со Ѓошевски зборувате за камерите во мониторинг салата?“, беше прашан Трајко.

    „Не се сеќавам“, го даде тој истиот одговор.

    „Дали се сеќавате на истиот датум дека му праќате порака на Ѓошевски со содржина: ” Тој вика, дека тие си имале овластувања од УБК за да влезат“, му постави прашање таа.

    Трајко не се сеќаваше ни на тоа.

    „Значи, им паѓа во вода дека не сум имал надлежност за издавање наредби“, цитираше одговор Кацарска што му го пратил Ѓошевски на Вељаноски.

    „Што презедовте како претседавач на Собранието за тоа што во прес-салата тепаа пратеници, па и новинари?“, продолжи Кацарска да го прашува Вељаноски.

    „Јас сум задолжен за редот, ама не треба во такви ситуации да му се отежнува работата на МВР“, рече тој.

    „Дали се јавивте да направите нешто за вашите колеги, да ги спасите?“, праша Кацарска.

    „Не, не се јавив “, одговори Трајко.

    „Единствено за што се грижевте вие на 27 април лани беше некој да не седне на вашето место? “, го праша судијката.

    „Тоа столче не е за ако некој стане, на друг како што ќе му текне, да седне. Требаше да се брани институцијата “, одговори Вељаноски.

    Судењето продолжува по паузата, со друг сведок.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира