Бројот 112 не е информативен број, ниту за секојдневни проблеми, туку за итни случаи, апелираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од Центарот велат дека во изминатиот период регистрирале голем број повици кон 112 кои немаат итен карактер, како на пример: повици поврзани со секојдневни проблеми, меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации во кои не постои непосредна опасност и не е потребна итна реакција на надлежните служби.
Важно е да се знае, потенцираат од ЦУК, дека секој неитен повик го зафаќа времето на операторот и капацитетот на линиите.
„Во истиот момент, на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозен, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност. На 112 јавете се кога постои непосредна опасност по животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина и кога е потребна итна интервенција на Полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните или другите надлежни служби. Доколку ситуацијата не бара итна реакција, обратете се до институцијата или службата надлежна за конкретниот проблем преку нејзините редовни контакт-канали. Апелираме и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и единиците на локалната самоуправа да не го посочуваат 112 како општ контакт-број за прибирање информации, административни пријави, евидентирање материјална штета и други потреби кои немаат итен карактер“, велат од ЦУК.



