Бугарскиот премиер Бојко Борисов вели дека луѓето од Македонија и Бугарија не треба да се оптоваруваат со историја, туку да му се радуваат на животот, бидејќи, како што кажа, ниту Бугарите ќе дојдат во Македонија, ниту Македонците во Бугарија. Борисов упати ваква порака на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Зоран Заев по заедничката владина седница на двете влади во Струмица.
„Историјата ни е илјадагодишна, може секој да спори и да тврди кој е постар. Историчарите треба да се занимаваат со тоа. Ние со колегата Заев сакаме да решаваме практични прашања. Вие сте млади луѓе, не се замарајте, радувајте се на животот. Ниту ние ќе дојдеме да живееме тука, ниту вие кај нас. Можеме само да си го направиме животоt поубав“, кажа Борисов.
Борисов се наврати и на војните во распадот на бивша Југославија и рече дека вчерашната пресуда на Ратко Младиќ потсети какви ужасни работи се случуваат ако политичарите тргнат по тој пат.
„Сакаме по многу години спокојно да си го пиете кафетo, во Софија или во Скопје на Вардар. И ако тогаш се сетите на нас, добро. Ако не се сетите, пак добро“, додаде бугарскиот премиер.