НЕ СКРШНУВАЈТЕ ОД ПАТОТ КОН ЕУ НА ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ, ЗАМОЛИ ОД МАКЕДОНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГЕРМАНИЈА ШТАЈНМАЈЕР

    НЕ СКРШНУВАЈТЕ ОД ПАТОТ КОН ЕУ НА ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ, ЗАМОЛИ ОД МАКЕДОНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГЕРМАНИЈА ШТАЈНМАЈЕР„Вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес, и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што го формулираше тоа Блаже Конески кога кажа и напиша: ‘Јазикот е нашата татковина’ “, рече германскиот претседател, кој денеска се поклони на гробот на Гоце Делчев. (Фото:К.Попов)

    Претседателот на Сојузна Република Германија Франк Валтер Штајнмајер со цитати од Блаже Конески „Јазикот е наша татковина“, од собраниската говорница ги замоли, како што рече, пратениците и граѓанките и граѓаните да не скршнуваат од патот во ЕУ токму сега на последните метри.

    „Сликата како се вее македонското и знамето на ЕУ во јули тука во оваа сала, по изгласувањето на Протоколот со Бугарија, во Германија ја примивме со голема радост и олеснување. Се разбира дека ги видовме и другите слики, плакатите овде во Собранието и надвор, оние кои бараа ’Не’.  Протоколот со Бугарија, уставните измени, овие теми знам, ги засегаат луѓето во Северна Македонија, бидејќи станува збор за прашања од националниот идентитет, македонската историја, јазикот и културата. И, сигурно е дека овие дебати треба да се водат со страст. Сметам дека вие самоуверено може да ги водите овие дебати. Вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес, и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што го правите тоа 30 години. Онака како што го формулираше тоа Блаже Конески кога кажа и напиша: ‘Јазикот е нашата татковина’ “, рече Штајнмајер, кој се надева дека „наскоро македонската култура ќе го збогати културното различје на Европа“.

    „Мојата молба до вас пратениците и до граѓаните е: ‘Продолжете да чекорите по патот на пристапниот процес, и тоа решително. Не скршнувајте на последните метри. Овде можете заедно повторно да испишете историја“, рече претседателот и упати уште една молба овие дебати да не се искористат за внатрепартиски и за националистички цели.

    Кажа дека неговата  и почитта на Германците кон нас „не е поради триумфот на македонската репрезентација врз германската, лани во Дуизбург, туку поради вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ“.

    Смета дека уште од денес пристапниот процес кон ЕУ треба да донесе конкретни придобивки „за Македонките и за Македонците, за луѓето од целиот Западен Балкан“. Затоа потребни се политички и економски реформи, рече тој, како и реформи во правосудството, за доброто на луѓето во секојдневниот живот.

    Зборуваше и за придобивките преку иницијативата за Западен Балкан, која ја поддржува.

    Кажа дека бруталната агресија на Русија врз Украина е показател дека треба партнерски да се држиме едни до други.

    Но, климатските промени се она што германскиот претседател исто така многу го загрижува. Кажа дека утре ќе се сретне со Атиџе Муратова и со авторите на кандидатот на Оскар „Медена земја“.

    „Пораката на последната дива пчеларка во Европа Атиџе од ‘Медена земја’ која на пчелите им вели: ‘Половина за мене, половина за вас’, го обиколи светот. Ја знаеме сите во Германија. Оваа порака ја изразува древната култура на земјата, но има и една друга силна порака која излегува надвор од поединечната земја: ‘ Не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина“, кажа Штајнмајер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира