Бугарските власти за „Дојче Веле“ велат дека немаат добиено никакво барање за заштита од бизнисменот Орце Камчев, кој е сведок-жртва во случајот „Рекет“ на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Според информациите на „Дојче Веле“, Камчев ги снимал разговорите со двајцата осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои го уценувале за случајот „Империја“ на СЈО, а потоа аудио и видеоснимките од разговорите тој им ги предал на бугарските служби како гаранција доколку нешто му се случи, а од тамошната влада, побарал и добил и заштита.
Од бугарската влада за „Дојче Веле“ велат дека тие не биле формално информирани од властите во Северна Македонија за тековниот кривичен прогон и преземените мерки кон Камчев, а за нив дознале од објавеното во медиумите.
„Г-н Камчев не испратил никакво барање кон бугарскиот премиер и кон бугарските власти за каква и да е заштита. Овој случај не може да влијае на односите на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, додаваат од бугарската влада.
Според СЈО, Камчев поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, како и фирма во Бугарија. Таквите сознанија беа наведени во едно од барањата на СЈО за определување притвор за Камчев како осомничен во случајот „Империја“.
Во април минатата година, Амбасадата на Република Бугарија во Македонија испратила вербална нота во која бара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува бизнисменот Јордан Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија со седиште во Штип. Барањето не е прифатено.