Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту пак извршила разузнавачки дејствија против нашите соседи, вклучувајќи ја тука и Србија, ниту пак некогаш ќе размислуваме во оваа насока, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција во Владата по повод одлуката на српската влада за повлекување на персоналот од српската амбасада во Скопје.
Димитров потенцираше дека институциите во Македонија работат согласно законите за заштита на уставниот поредок и на нејзините граѓани.
„Токму луѓето од оваа влада ги почувствуваа последиците од масовното прислушување и добро знаат што е тоа“, потсети Димитров.
Тој рече дека политика на владата е отворен пристап во односите со соседите и решавање на меѓусебните проблеми преку дијалог. Според него, успехот на нашите соседи е и наш успех и обратно.
„Кога во неделата ја добив нотата од Белград, веднаш на телефон го побарав министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, но не го добив. Потоа, преку нашиот амбасадор во Белград успеавме да го контактираме. Разговорот со Дачиќ треба да се случи утре“, додаде Димитров.
На прашање што е тоа што знаат Дачиќ и Србија, што и со кого се договорила Македонија, Димитров одговори дека граѓаните на Македонија и на Србија, во име на зедничката европска иднина, не заслужуваат на вакви теми да се прават шпекулации.
„Ние побаравме официјална информација од Белград и лошо е да брзаме со заклучоци. И ние не знаеме ‘со кого и што’“, кажа министерот.
А во врска со опасноста за Србија од странските служби кои се во Македонија за кои шпекулираат српските политичари и медиумите блиски до нив, Димитров рече дека „ние сме должни да бидеме трпеливи и да добиеме официјална информација од Белград за да видиме за што се работи и потоа тоа ќе споделиме со македонската и светката јавност. Шпекулирање може само да наштети“.
С. К. ДЕЛЕВСКА