НЕ СУМ МУ ПЛАТИЛ 261.853 ЕВРА НА БОКИ 13 ЗА ЈАНЕВА ДА ПОВЛЕЧЕ ОБВИНЕНИЕ, ВЕЛИ АРДИЈАН АМЗОСКИ ОД „ДРИМ БИЛДИНГ“

    НЕ СУМ МУ ПЛАТИЛ 261.853 ЕВРА НА БОКИ 13 ЗА ЈАНЕВА ДА ПОВЛЕЧЕ ОБВИНЕНИЕ, ВЕЛИ АРДИЈАН АМЗОСКИ ОД „ДРИМ БИЛДИНГ“Обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски во петокот на судењето за „ТНТ“ побара изземање на Катица Јанева поради сомнеж дека Ардијан Амзоски му платил на Боки 13 260 илјади евра за специјалната обвинителка да му повлече обвинение. (Фото: СДК.МК)

    Ардијан Амзоски и фирмата „Дрим Билдинг“ од Струга најостро ги отфрлаат шпекулациите дека Ардијан Амзоски му платил 261.853 евра на Боки 13 за специјалната обвинителка Катица Јанева да му повлече обвинение, велат од „Дрим Билдинг“.

    Соопштението на струшката компанија доаѓа откако во петокот на судењето за предметот „ТНТ“, каде што Амзоски е оштетена страна, обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски побара изземање на Јанева бидејќи, како што кажа тој, се сомнева дека Амзоски му платил 260 илјади евра на Боки 13, осомничен во „Рекет“, за Јанева да му го повлече обвинението во „ТНТ“ за рушењето на „Космос“, каде што Амзоски бил инвеститор.

    Од „Дрим Билдинг“ велат дека парите му се платени на Меѓународниот сојуз за стратешко партнерство и деловна соработка и дека откако здружението на Боки 13 и координаторот на проектот Јасна Мандиќ не ги исполниле своите обврски од договорот, „Дрим Билдинг“ поднел тужба во Основниот граѓански суд.

    „Фирмата ’Дрим Билдинг‘ која е во сопственост на таткото на Ардијан Амзоски, Селадин Амзоски и на Ресул Лога, склучила договор за стратешко партнерство и деловна соработка со Меѓународниот сојуз на ден 28.12.2017. Договорот во име и за сметка на ’Дрим Билдинг‘, со уредно полномошно, го склучува Ардијан Амзоски. ’Дрим Билдинг‘, согласно тој договор се обврзал да плати износ од 261.853 евра на Меѓународен сојуз т.е. на координаторот на проектот лицето Јасна Мандиќ. ’Дрим Билдинг‘ ги исполнил во целот своите обврски од договорот, а за жал Меѓународен сојуз и Јасна Мандиќ не го испочитувале договорот. Бидејќи Меѓународен сојуз и Јасна Мандиќ одбија доброволно да ги вратат парите кои им беа платени, Дрим Билдинг поднесе тужба пред Основниот граѓански суд во Скопје“, се вели во соопштението на компанијата.

    Од „Дрим Билдинг“ велат и дека наведените факти можат лесно да бидат проверени од надлежните државни органи и поради тоа го повикуваат Тони Трајковски, како и одредени медиуми и политички партии повеќе да не шпекулираат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира