ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ ГОРАНЧО САВЕВСКИ МИ ДАДЕ ЛИСТ СО РАЗГОВОРИ ПРЕВЕДЕНИ НА АНГЛИСКИ, СВЕДОЧЕШЕ СВИРКАЧОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ ГОРАНЧО САВЕВСКИ МИ ДАДЕ ЛИСТ СО РАЗГОВОРИ ПРЕВЕДЕНИ НА АНГЛИСКИ, СВЕДОЧЕШЕ СВИРКАЧОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој ги изнесе нелегално прислушуваните материјали од УБК, пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    По извлечени и копирани 200 фајлови (800 гигабајти) од нелегално прислушувани разговори од Управата за безбедност и контраразузнавње за три години, од страна на сведокот Ѓорѓи Лазаревски и од колегата Ѕвонко Костовски, кои што му ги предавале на Зоран Верушевски, следувало апсењето на Верушевски.

    За ова на денешното рочиште на „Тврдина-Таргет“, за масовното незаконско прислушување на стотици граѓани и за дробење и уништување на опремата на МВР со која се прислушувало, сведокот Лазаревски продолжи:

    „По апсењето на Верушевски, отидов кај раководството на МВР да го пријавам случајот како укажувач и да кажам сè што знам. Тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савевски ми даде лист со прислушувани разговори напишани (преведени) на англиски јазик. Побара од мене да напишам кои сè фајлови биле во системот. Почнав да ги пишувам на бел лист, сè додека не дојде (избеганиот ексначалник на Петтата управа) Горан Грујевски и не рече дека не е возможно тоа дека биле прислушувани Влатко Мијалков и Александра Мијалкова. Рече дека тој никогаш не би го прислушувал семејството на директорот и оти има 10 сведоци кои тоа ќе го потврдат. Му реков не е точно, нека каже кои се тие сведоци, тоа што јас го знам е вистината“, сведочи Лазаревски.

    Според обвинението на СЈО, Мијалков и Грујевски се обвинети дека од компјутерите од канцеларија следеле граѓани по избор, без судски налог.

    „Во тој момент дојде обвинителот Златко Биковски. Ми рече многу сум кооперативен, му се допаѓало тоа. Рече ќе го разреши случајот. Цела ноќ останав во МВР, до сабајлето, кога ми кажаа дека сум уапсен и дека во мојот стан треба да се прави претрес. Трагите од тоа што му ги давав претходно материјалите на Верушевски ги уништив претходно. Гледав голема надеж во тој обвинител, но се случи спротивното. Сум дошол да пријавам нелегално тонско снимање, а тој ме обвинува за сосема други кривични дела. Кога го дадов исказот пред Биковски и му објаснив убаво за што се работи, бев известен дека ќе добијам притвор. Слушнав дека сум обвинет за насилство врз високи функционери и за шпионажа. Во записниците од сослушувањето, сведоштвата за нелегалното тонско снимање во МВР не влегуваа. Не беа нотирани“, одговараше Лазаревски на прашањата на специјалниот обвинител Артан Ајро.

    Но, судијата Владимир Туфегџиќ неколку пати го прекина и предупреди, со укажување дека против Биковски се води постапка за случајот „Пуч“, што не е предмет на овој судски процес, туку на други јавно обвинителски органи.

    „Во еден момент ми покажаа дека Ѕвонко Костовски се спогодил со обвинителите и признал вина за шпионажа и нелегално прислушување. Видов дека е тенденција на обвинителството. Особено, кога ми ја даде Биковски да ја прочитам спогодбата. Добив уште поголема желба да ја кажам докрај вистината, зашто во таа спогодба видов дека ниеден од тие 10 сведоци што ги спомна Горан Грујевски, не постои. Не сум правен експерт, но сфатив дека таа пресуда беше политичка нарачка“, рече Лазаревски.

    Сведокот Лазаревски рече дека побарал спогодба и тој, ама немал намера и не ја потпишал.

    „Ми требаше како доказ за тешкиот криминал што го прават обвинителот и МВР, што ме тераат да признаам кривично дело што го сторил друг. Ми предложија да си потпишам казна од 6 години затвор. Јас од притвор барав логови да ми обезбедат како доказ, каде и кого тоа сум прислушувал нелегално јас. Не ги добив логовите, зашто ја уништиле опремата со која прислушувале. Не го знаев тоа, дознав дури СЈО кога поднесе обвинение за ’Тврдина‘“, го заврши денешното сведочење Ѓорѓи Лазаревски.

    Следното рочиште е на 26 декември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари