УБК ГИ ПРИСЛУШУВАЛА И БРАТОТ И СОПРУГАТА НА САШО МИЈАЛКОВ, ТВРДИ СВЕДОКОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    УБК ГИ ПРИСЛУШУВАЛА И БРАТОТ И СОПРУГАТА НА САШО МИЈАЛКОВ, ТВРДИ СВЕДОКОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој ги изнесе нелегално прислушуваните материјали од УБК (Фото: СДК.МК)

    Управата за безбедност и контраразузнавање ги прислушувала и Александра Мијалкова, сопруга на обвинетиот ексдиректор на Управата Сашо Мијалков и неговиот брат Влатко, тврди сведокот Ѓорѓи Лазаревски на денешното судско рочиште за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување.

    „На минатото рочиште спомнавте дека во системот за следење на комуникации во УБК, кога сте ги ваделе и копирале прислушуваните разговори, сте наишле на два сензитивни таргета. Појаснете што значи тоа сензитивни, за кого се работи?“, праша обвинителот од СЈО Артан Ајро.

    „Кога спомнав сензитивни таргети, мислев на два таргета, едниот беше Влатко Мијалков, брат на ексдиректорот Сашо Мијалков, другиот беше Александра Мијалкова, сопругата на Сашо“, одговори сведокот Лазаревски.

    На ова, првообвинетиот Сашо Мијалков го погледна сведокот и заврте со главата во знак на негирање. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувањата и примање награда за противзаконито влијание.

    За масовното нелегално прислушување обвинети се и избеганиот Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, избеганиот Никола Бошковски – Прскач и шестмина вработени од УБК. Една обвинета призна вина и доби условна казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари