Во продолжение на вкрстените прашања што му ги поставуваше обвинетиот Сашо Мијалков во процесот „Тврдина-Таргет“ за незаконското масовно прислушување и уништување на системите на УБК со кои се прислушувало на сведокот Сашо Трајковски, инженер во УБК, тој го праша зошто не го известил него кога видел дека се прислушува нелегално.
„Тие што се прислушуваа со пасворди беа со ознака ’важно‘ и до нив имавте пристап и вие како директор. Не се осмелив да пријавам кај вас“, му одговори сведокот.
Мијалков имаше многу прашања кои ги поставуваше сам, дури и без консултација со адвокатите, па поради грешките со некои недозволени прашања, беше прекинат и поучен неколку пати од судиите. Реагираше обвинителката од СЈО Ленче Ристоска дека тој си има адвокати да го подучат.
Мијалков незадоволен и нервозен кажа: „Најдобро е да го прекинете судењево и да нѐ осудите“.
На судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ им кажа дека не запишуваат убаво што прашува тој, а потоа пет пати препрашуваат.
Но, Бегтовиќ му кажа да си конципира јасни и концизни прашања и предложи куса пауза.
„Не, не, неее, нема пауза додека не завршам со своите прашања“, им кажа Мијалков и продолжи со вкрстено испрашување.
Се смири тензијата и тој продолжи да прашува за уништувањето на опремата. Трајковски бил во комисијата за уништување на системите за прислушување.
„Вие сте потпишани на извештајот за нефункционалност на опремата. Дали тоа значи дека процедурата за уништување е законска?“, го праша Мијалков сведокот.
„Да“, одговори Трајковски.
„Благодарам, тоа ми требаше“, седна задоволен Мијалков.
Но, во исказ на претходното рочиште, Трајковски објасни зошто потпишале нефункционалност на опремата. Рече дека обвинетиот началник во бегство Горан Грујевски, по објавувањето на бомбите во јануари 2015 година, донел решение и потоа им кажал на инженерите да ја уништат како новата, така и старата опрема со која се прислушувало. Кога комисијата требало да прави попис, ја нашла во ходник, исклучена од употреба. Комисијата, рече Трајковски, направи извештај дека таа е нефункционална, зашто ја најдовме исклучена од Грујевски и надвор од функција.
„Никогаш немало извештај од Комисијата дека таа е неисправна, технички застарена или дека нешто и фали“, рече тогаш Трајковски.
По паузата, вкрстени прашања продолжи да поставува обвинетата Гордана Јанкулоска.
С. К. ДЕЛЕВСКА