НЕ ЗАСПИВАЈТЕ, ДА НЕ ТРЕБА ДА КРШИМЕ СТАКЛА, СИ РЕКЛЕ ПАТНИЦИТЕ ВО АВТОБУСОТ ОД СКОПЈЕ ДО СОФИЈА И НАЗАД КОЈ ЧАДЕЛ И ЛАЗЕЛ, КОМПАНИЈАТА ВЕЛИ ПРОБЛЕМОТ БИЛ МЕХАНИЧКИ

    НЕ ЗАСПИВАЈТЕ, ДА НЕ ТРЕБА ДА КРШИМЕ СТАКЛА, СИ РЕКЛЕ ПАТНИЦИТЕ ВО АВТОБУСОТ ОД СКОПЈЕ ДО СОФИЈА И НАЗАД КОЈ ЧАДЕЛ И ЛАЗЕЛ, КОМПАНИЈАТА ВЕЛИ ПРОБЛЕМОТ БИЛ МЕХАНИЧКИВознемирени од сообраќајките кои се случија во Ласкарци во 2019 и лани во Бугарија, една од патничките вели дека одлучила да реагира, оти е очигледно дека никој не врши контрола на превозниците. (Фото: СДК.МК)

    „Не заспивајте, да не треба да кршиме“, си рекле меѓу себе патниците кои на 29 ноември патувале од Скопје за Софија и назад со автобусот на „Македонија сообраќај“. Автобусот чадел по пат, лазел и на крај ги симнал патниците кај Ранковце, по што ги презело патничко возило испратено од компанијата и стигнале дома во 1 по полноќ, наместо околу 22 часот како што било планирано, реагираат патниците кои ја контактираа нашата редакција.

    Вознемирени од сообраќајките кои се случија во Ласкарци во 2019 (16 загинати) и лани во Бугарија (45 загинати), една од патничките вели дека одлучила да реагира, бидејќи смета оти е очигледно дека никој не врши контрола на превозниците.

    Патувањето од Скопје за Софија почнало на 29 ноември во 7 часот, а според превозникот и информациите објавени на нивната интернет страна, пристигнувањето во Софија е во 12:40 по локално време. Во автобусот биле 9 патници, од кои 6 странски државјани.

    „Возачот на автобусот во првата фаза од патувањето не развиваше поголема брзина, претпоставував поради влажните коловози. Меѓутоа веќе во Бугарија, во околината на градот Дупница брзината значително се намали и автобусот започна да чади од задниот дел. Паниката се забележа кај сите патници, особено кај нас Македонците, поради неодамнешните трагични настани со автобуски несреќи. Патниците од задниот дел на автобусот се преместија во предниот дел на автобусот. Во тој дел од патот престоеја тунели и угорнини, каде автобусот се движеше со најмала брзина, до моменти на ‘лазење’ по коловозот, сè до целосно гасење на моторот во ризични делови од патот, како во тунелите. Паниката во автобусот стана видлива и сите патници беа на штрек“, вели 36-годишната скопјанка.

    Потоа ги пресретнал автобус на  превозник од Битола кој се понудил да ги земе патиците до Софија. Превозот од Софија кон Скопје, поаѓа секојдневно во 17:30 по локално време.

    „На враќање, го гледам истиот возач и автобус. Во автобусот бевме тројца патници. Во страв од случувањата при сабајлешното патување, го прашав возачот дали е сега сè во ред во автобусот, бидејќи нè чекаше истиот пат, тој ми одговори: ‘Нешто работеа, поправаа, па ќе видиме’. Не во целост убедена, имав надеж дека возачот сигурно нема да тргне на пат од 250 километри, ако не е сигурен во исправноста на возилото. Но, многу погрешив, бидејќи веќе не излезот од Софија настана истата ситуација со чад и драстично намалување на брзината на движење. Во еден момент баш погледнав дали има алат за кршење за стакло на видливо место, за среќа имаше. До граница неколку пати автобусот се гасеше, на места од патот каде немаше улично осветлување, каде видливоста беше значително намалена. Безбедноста ни беше загрозена, бидејќи фреквентноста на возила беше голема. Возачот се трудеше да го одржи возилото, притоа трудејќи се да нè смири, ни рече дека во Крива Паланка ќе нè чека мајстор за автобусот, а дека нас патниците ќе нè преземе возило до Скопје бидејќи веќе беа поминати 6 часа како бевме тргнати од Софија. Со истата брзина како и низ Бугарија влеговме во Македонија, а ја поминавме и Крива Паланка без да застанеме. Веќе во Ранковце автобусот комплетно се изгаси и не можеше да тргне, кога конечно возачот се смилува да се јави некаде за да ни обезбеди превоз. После половина час дојде возило и нè превезе до Скопје, каде возачот нè праша како ќе биде извршено плаќањето. На наше изненадување, крајно изморени од голготата, му одговоривме дека тоа прашање треба да го постави на превозникот, кому ние му плативме за повратна карта, за безбедно и во одредена саатница да нè превезе од и до Скопје, а истото не го исполни“, вели нашата соговорничка.

    Компанијата „Македонија сообраќај“ тврди дека автобусот е технички исправен, бидејќи ден пред поаѓање бил на вонреден технички преглед кој го практикуват во законските рокови на секои шест месеци и дека имааат потврда од технички експлотациони услови.

    „Точно е дека автобусот во текот на патувањето се здобил со механички проблем, но не и со безбедносен проблем. Патниците се донесени до Скопје на трошок на нашата компанија. Жалиме за настанот и им се извинуваме и јавно на патниците и во иднина се надеваме дека нема да има несакани попатни дефекти кои што и за нас имаат негативни финансиски импликации“, ни одговорија од „Македонија сообраќај“.

    САКАМДАКАЖАМ го праша Министерството за транспорт и врски дали се засилени контролите после ланската несреќа во Бугарија? Како е можно вакви автобуси сè уште да се движат по патиштата? Дали се извршени контроли кај овој превозник? Оттаму ни одговорија дека Министерството за транспорт и врски е административен орган кој само ги издава потребните дозволи на превозниците, по претходно утврдени критериуми за добивање на истите согласно Законот за превоз во патниот сообраќај.

    „Контрола во однос на поседување документација и техничките карактристики ги вршат други институции како Државниот инспекторат за транспорт во соработка со Министерството за внатрешни работи. Според Законот, Министерството за транспорт и врски не е инспекциски орган да врши контрола на превозниците за исправноста на возилата. Во насока на зголемена граѓанска контрола, Министерството за транспорт и врски, во соработка со Царинската Управа, Државниот инспекторат за транспорт и Министерството за внатрешни работи, изработи веб платформа преку која граѓаните можат да вршат проверка и контрола за видот и типот на лиценците на превозниците во патниот транспорт, односно дали поседуваат соодветни дозволи за вршење на превоз на патници, со што значително ја зголемивме транспарентноста на работата на Министерството за транспорт и врски“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира