Владата ја прифати иницијативата денот недела да биде прогласен за неработен ден и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање, објави на официјалниот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.
„Ова решение е во интерес на граѓаните, неделата треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кого тоа му е потребно, ден за семејството, ден за себе“, вели Заев.
Иницијативата е од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), како дел од предлозите за унапредување на работното законодавство заради заштита на работничките права и обезбедување баланс помеѓу работата и семејството.